ГДУ бара да прекине паралелниот увоз на лекови

83

Квалитетот и безбедноста на лековите мора да биде на прво место. Законските измени со кои продолжува паралелниот увоз на лекови, а за кои Собранието даде зелено светло во прво читање не се гаранција за тоа, смета Граѓанската демократска унија (ГДУ).

„Со измените ќе се бара сертификат за квалитет, а како граѓаните во оваа држава да бидат сигурни дека тој нема да се фалсификува? Притоа кој ќе го испитува квалитетот на лековите? Мора да има проверка и мора да се смени начинот на набавка! Нема никаква гаранција дека во Македонија ќе се увезуваат безбедни лекови. Доста е играње играчки со здравјето на граѓаните и носење закони како што на некого ќе му текне, полни со нејаснонотии и контроверзии. Не менувате ништо суштинско!“, се наведува во соопштението на ГДУ.

Оттаму повикуваат да се погледне европската регулатива.

„Тоа всушност од вас го бараат и пациентите. Таму има строги правила и одредби како се врши увоз на лекови. Не може да се земат само одредени одредби од некој европски закон и после да се вадиме дека ја следиме европската регулатива, а манипулациите си продолжуваат. Откако почнаа да се увезуваат лекови од Турција, а 99 отсто се увезуваат од таму почнаа и проблемите на пациентите и сомневањата за квалитетот. Ова мора да заврши! “, се додава во соопштението.

ГДУ бара да се увезуваат лекови само од земји членки на Европската унија. Оттаму велат дека лек внесен со паралелен увоз од членки на ЕУ е претходно контролиран од специјализирани лаборатории во Стразбур и Лондон.

„Апелираме пред да се донесе Законот таков како што помина во прво читање, да се направи уште една анализа. Пациентите се сомневаат и имаат право, со оглед на претходните искуства! Во државата преку паралелен увоз на лекови влегуваат сомнителни лекови за кои не се знае како се транспортирани и чувани, немаат сертификат директно од производителите, туку се внесуваат од трети земји преку разни канали и веледрогерии. За хаосот со лековите во последните пет години некој мора да одговара! Тоа е прв чекор за да се врати довербата на граѓаните!“, се наведува во соопштението на ГДУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...