Гвардиола: Јас не сум главната сила која ги привлекува играчите во Сити

147
ФОТО: EPA / PETER POWELL

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола нема намера да го продолжи договорот со „граѓаните“, само за да влијае позитивно на процесот на привлекување нови играчи. Неговиот договор истекува по 1,5 години, а тоа донекаде се смета за дестабилизирачка ситуација.

– Јас не сум главната сила која ги привлекува играчите. Имавме многу контакти низ годините со играчи и има такви кои не дојдоа, и покрај моето присуство во клубот. Сити е доволно голем и доволно силен за да биде привлечен за фудбалерите кои сакаат да играат на нашиот начин. Можеби нè гледале на телевизија, можеби нè запознале на теренот, но сите знаат каков е нашиот стил. И можеби тие сакаат да доаѓаат од чисто економски аспект. Овој клуб дефинитивно не е лоша одлука за никого – рече Гвардиола.

Стручњакот призна дека потпишал со Манчестер Сити за стабилноста на клубот.

– Јас лично дојдов овде затоа што клубот веќе беше стабилен и стабилно напредуваше. Роберто Манчини ја освои титулата, исто така и Мануел Пелегрини. Стилот на игра веќе беше многу добар. Тимот има доволно класа и има потреба од играчи, кои можат да помогнат и знаат тоа да го направат. Ние сакаме да го одржиме нивото од последните неколку години – рече Гвардиола.

На крајот на оваа сезона, Давид Силва и Клаудио Браво заминуваат од Сити, чии договори истекуваат во текот на летото. Лерој Сане веројатно ќе биде продаден доколку продолжи да ги одложува преговорите за нов договор. Анхелињо е под знак прашалник за следната сезона, а Џон Стоунс, Бенџамин Менди, Габриел Жесус, Жоао Кансело и Николас Отаменди мора да убедат, дека за нив има место во овој состав.

ФОТО: EPA / PETER POWELL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...