Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, трката за титулата шампион на Англија со Ливерпул ја спореди со ривалство во тенисот меѓу Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер.
Шпанецот верува дека конкурентот од „Енфилд“ придонесува за подобри игри на Сити, слично како што игрите и резултатите на Ѓоковиќ, Надал и Федерер, меѓусебно влијаат мотивирачки.
– Ливерпул ни помага. Многу сличнo со Надал, Федерер и Ѓоковиќ. Тие се „туркаат“ едни со други. Ни требаат силни конкуренти и играчите тоа го знаат. Тие знаат колку е силен Ливерпул и играат на највисоко ниво. Не смеат да испуштаат бодови. Во спротивно, Ливерпул ќе биде шампион – рече Гвардиола.
Како силни конкуренти ги смета и Челзи, Тотенхем и Арсенал, а тука не го смести Манчестер Јунајтед.
Сити во моментов е прв на табелата во Премиер лигата со 35 бода, два повеќе од Ливерпул, пет од Тотенхем, а седум од Челзи.