Тренерот на Манчестер сити, Џозеп Гвардиола, е задоволен од постигнатото на своите избраници во првиот дел од сезоната, но нагласи дека тешко е да се „трка“ со Ливерпул доколку „црвените“ продолжат во ова темпо.
– Добро одигравме во првиот дел од сезоната и освоивме 44 бода. Ако го повториме овој резултат и во пролетниот дел од шампионатот, ќе имаме 88 поени, и ова е шампионско постигнување. Многу тимови во последните 20 години ја освоија лигата со понизок резултат, така што Сити беше добар во првиот дел од шампионатот – истакна Гвардиола.
Сепак, додаде Гвардиола, Ливерпул има девет „суви“ натпревари и тешко е да им се парира доколку понатаму играат во истиот ритам.
Манчестер сити е на третото место со 44 бода од 19 натпревари, Ливерпул е лидер со 54 бода од 20 натпревари.