Како што веќе реков во денешното интервју за Радио Каподистриа, еве ви потврдувам дека и натаму работам на делови од оваа истражувачка приказна за да го склопам мозаикот. Пред да ја објавам целата финална приказна морам да бидам сигурен дека сите сведоци се безбедни, изјави за МКД.мк Ларис Гајзер, италијанскиот новинар на „Ла верита“, медиум во кој деновиве беа објавени неколку текстови и видео снимки за случајот „Рекет“ кои сѐ уште ја брануваат македонската и меѓународната јавност.
„Прво, морам прво да бидам сигурен во сите докази што ги поседувам и да ја завршам приказната. Ова е чисто истражувачко новинарство. Не знам уште колку денови ќе ми требаат, ама можам да кажам – неколку. Но, ако сѐ биде потврдено, ќе биде вознемирувачко и ќе предизвика силни турбуленции. Она што ми е најважно е луѓето да бидат безбедни пред објавувањето. Откако ќе објавам сѐ, ќе бидам подготвен да дадам и дополнителни коментари и податоци“, вели во изјавата за МКД.мк новинарот Гајзер.