Гаши: Човек претставителен, со добра кариера и бекграунд, кој добро би нѐ претставил и надвор

Гаши рече дека за нив би било поприфатливо претседателскиот кандидат да е натпартиска личност и додаде да се почека и да се види која личност би била повеќе прифатлива кај граѓаните.

493

Лидерот на „Алтернатива“, Африм Гаши, попладнево изјави дека денеска имале многу добра и плодна средба со премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев, а главна тема беа претседателските избори и обидот да се изнајде заеднички кандидат, кој би бил прифатлив за сите граѓани.

– Ние прво ја поздравивме оваа иницијатива. Мислам дека првпат во државава ни се случува да се избере претседател и да се направи обид тој кандидат да биде што поприфатлив од сите граѓани. Самиот обид што се креира за доаѓање до овој амбиент мислам дека е за поздравување и ние како „Алтернатива“, политички субјект и партнер во Владата, сакаме да придонесеме во овој процес и заеднички да дојдеме до тој кандидат, рече Гаши.

Во оваа фаза, како што рече, размислуваме само за параметрите, принципите, критериумите кои би требало да се анализираат, за да се дојде до тој кандидат. Гаши смета дека во следните денови многу бргу ќе треба заеднички да дојдат до тој кандидат.

– Ние имаме наши определби. Сакаме кандидатот да биде што поприфалив од сите граѓани. Не дека немаме и други опции, но сакаме и ние да придонесеме да се дојде до тој заеднички кандидат. Ако се успее – добро, ако не, нормално и како политичка партија ќе носиме одлуки во нашите органи. Ако не бидат исполнети критериумите што ние би сакале да ги исполни некој претседателски кандидат, тогаш ќе донесеме наше решение, изјави Гаши во Клубот на пратеници по средбата со Заев.

Важно е, како што рече, да се поздрави процесот на подадена рака и првпат во државава да се избере претседател кој би бил претставителен за сите граѓани и прифатлив за сите етнички, религиозни и секакви други заедници.

Гаши рече дека на средбата не зборувале за конкретни имиња. Додаде дека критериумите за кои зборувале начелно се дека треба да се избере личност која била внимателна во минатото, во политичка смисла која, како што рече, не давала „несреќни“ изјави, не била негативно настроена кон ниту една заедница. Особено за нас во овој случај е важно кон албанската заедница, затоа што ние треба да ги мотивираме нашите гласачи.

– Човек претставителен, со добра кариера, со добар бекграунд, со добро сиви, кој добро би нѐ претставил надвор како држава. Но, кој би ги сплотувал и сите граѓани внатре во државата, рече Гаши.

Сакаме, како што рече, прво СДСМ како поголема политичка партија да изнесат свои анализи, да видиме какви анализи направиле тие и ние потоа ќе дадеме наше мислење за тие кандидати. Ние имаме мислење за одредени кандидати, секако, но во оваа фаза мислиме дека се уште е рано да се дадат квалификации за одредени кандидати.

Гаши рече дека за нив би било поприфатливо претседателскиот кандидат да е натпартиска личност и додаде да се почека и да се види која личност би била повеќе прифатлива кај граѓаните.

Во Клубот на пратениците во моментов се одвива средбата меѓу премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...