Ганиу: На покана на „Шверцерите“ бев во МНТ и јас се зачудив зошто таму

5181

Чаирскиот градоначалник Висар Ганиу за Плусинфо вели дека тој на прославата на 30 години од постоењето на навивачката група „Шверцери“ во Македонскиот народен театар бил на покана токму од навивачката група. Бурни реакции предизвика прославата на „Шверцерите“ во МНТ откако навивачите освен скандирање и пеење навивачки песни, демолирале дел од инвентарот на театарот.

– На прославата на јубилејот на навивачката група во МНТ бев на покана на „Шверцерите“. Ме поканија како гостин на јубилејот за да ми врачат плакета како поранешен долгогодишен тренер и директор на фудбалскиот клуб Шкупи. Претходно во МНТ бев на прославата на Денот на албанската азбука организирана од владата. Кога заврши првата прослава, заедно со ексградоначалникот на Чаир Изет Меџити прашавме каде ќе се одржи јубилејот на „Шверцерите“ и нѐ информираа дека ќе биде во истата сала. Искрено се зачудив и се изненадив. Ни кажаа дека ќе се одржи академија и документарец за „Шверцерите“. Кога влеговме со Меџити во МНТ  навивачите само скандираа и пееја. Претходно, но и потоа не знам дали имало уништување на инврертарот во театарот – ни изјави Ганиу.

Нејасно е кој е организаторот на прославата на „Шверцерите“. Ганиу тврди дека во МНТ бил на нивна покана. Директорката на театарот Симона Угриновска изјави дека не била информирана за карактерот на прославата што се одржала во МНТ. Таа тврди дека за вториот настан не била информирана што точно ќе се одржи и не споменува кој се јавил како организатор на манифестацијата.

Заев побара одговорните да одговараат оти како што изјави втората прослава и не била баш културна.

Миниостерството за култура се огради и соопшти дека во МНТ во петокот биле најавени два настани, но не било најавено дека ќе присуствува навивачка група, Од Министерството велат дека во МНТ во петокот било најавено свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група.

Владата пак, побара организаторот да ја надомести штетата и да се извини на граѓаните за недоличното однесување.

Пратеникот Груби, кој од директорката на МНТ беше посочен како организатор, демантира дека тој ги организирал „Шверцерите“ и додаде дека дивеење е упадот, тепањето и скандирањето во Собрание на 27 април, а не прослава на навивачи, каде што се очекува скандирање, пеење, но не и вандализам, кој што би го осудил во секој момент.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...