Галерија од упадот во РТС кој за српското МВР е „македонското сценарио“ од 27 април

Српскиот министер за внатрешни работи рече дека демонстрантите одат по „македонско сценарио“ споменувајќи го упадот во Собранието на 27 април 2017.

1155
Photo: EPA / KOCA SULEJMANOVIC

Специјални полициски сили доцна вечерва ги исфрлија учесниците во протестите „Еден од пет милиони“ кои влегоа во зградата на РТС, влечејќи ги и носејќи ги за нозе и раце.

Меѓу повеќето стотина граѓани беа и предводниците на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) – лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, основачот на СзС, Драган Ѓилас, лидерот на Демократската партија, Зоран Лутовац и други.

Околу полноќ пред зградата на РТС се уште беа собрани демонстрантите, опколени со полициски кордони.

Бошко Обрадовиќ, во придружба на речиси сите членки на СзС, меѓу кои беа и опозициските лидери Вук Јеремиќ и Борис Тадиќ, изјави дека граѓаните нема да заминат се додека генералниот директор на РТС Дарган Бујошевиќ и одговорниот уредник на Информативната програма Ненад Стефановиќ не поднесат оставка и не им биде дозволено да гостуваат во централниот Дневник на РТС.

Во Дневникот на РТС синоќа се огласи и директорот на јавниот сервис Бујошевиќ кој изјави дека „демонстрантите насилно влегле во РТС и сакале со сила да уредуваат програма, со што го загубија легитимитетот, а државните органи и светските новинарски организации треба да реагираат“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ за денеска во 12 часот најави вонредна прес конференција за вечерашните настани.

По оваа вест, граѓаните од страна на опозициските лидери беа повикани да се разотидат и да се соберат денеска на пладне пред зградата на претседателот Вучиќ за време на прес конференцијата, со што ситуацијата се смири.

На вонредна прес конференција, која ја пренесуваше ТВ Пинк, синоќа реагираше и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој истакна дека „државата ќе мора да одговори на овој чин и секој што ќе го прекрши законот ќе биде прекршочно и кривично гонет. Според него засега е уапсено едно лице, кое нападнало полицаец за време на протестите.

– Насилството на демонстрантите се случи во многу лоша, тешка форма. Тие го демолираа влезот во РТС, го демолираа приземјето, влегоа внатре. Тие им се закануваа на новинари, користеа насилство насекаде и ова не смееше да се случи – изјави Стефановиќ.

Тој рече дека демонстрантите одат по „македонско сценарио“ споменувајќи го упадот во Собранието на 27 април 2017.

– Државата на ова ќе мора да одговори и секој кој беше во РТС насилно, против законски, правел насилство, се заканувал или на друг начин ги кршел законите, ќе одговара прекршочно и кривично, секој човек. Овие луѓе кои се восхитуваат со „македонското сценарио“ и велат дека е прекрасно што некој е осуден во Македонија и што некој дозволил народот да влезе во Собранието, осуден на 18 години затвор, сега го прават тоа, упаѓаат во РТС, повикуваат на насилство, на кршење на законот, на насилство кон новинарите и вработените во РТС – рече министерот.

Се огласи и српската премиерка Ана Брнабиќ која оцени дека упадот во РТС е вандалски чин на СзС, кој укажува на тоа дека целта е насилно менување на власта.

На 15-от граѓански протест „Еден од пет милиони” во Белград, повеќе десетици илјади демонстранти синоќа од платото пред Филозофскиот факултет, како што претходно најавија, тргнаа во протестна прошетка, по која ги блокираа влезовите во зградата на Радио-телевизија на Србија, а поголем број демонстранти, предводени од лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ околу 20 часот влегоа во просториите на јавниот сервис.

Меѓу нив беа и Јелена Анасоновиќ, една од лидерите на граѓанските протести, како и лидерот на опозицискиот Сојуз за Србија Драган Ѓилас, пратеничката Маринка Тепиќ и лидерот на Демократската партија Зоран Лутовац.

Внатре во зградата на РТС се слушаа тапани и свирки, како и скандирање „Оставки”. Демонстрантите изјавија дека нема да ја напуштаат телевизијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...