„Газета“: Гатузо е на чекор пред напуштање на Милан

183

Џенаро Гатузо е подготвен да го напушти Милан дури и ако успее да го квалификува тимот за Лигата на шампионите. Веста е на авторитетното издание „Газета дело Спорт“.

Таа доаѓа во пресрет на денешното дерби (од 18 часот) меѓу „росонерите“ и Јувентус од 31-то коло на Серија „А“, што може да има клучно значење за тоа дали гигантот од Милано ќе ја постигне посакуваната цел. Во моментов, Милан е на 4 место со 52 поени, на само еден пред петтата Аталанта. Јуве води на табелата со импресивни 81 поени и ако денес победи, а вториот Наполи (63) загуби во неделата против Џенова, тој ќе стане шампион на 7 круга пред крајот.

На Апенините не очекуваат негативниот резултат против тимот од Торино да има директно влијание врз судбината на Гатузо, бидејќи и онака Милан влегува во дуелот како аутсајдер. Сепак, „Газета“ вели дека стратегот сериозно размислува дали да го напушти клубот и покрај преостанатите 2 години од договорот.

Причината е што 41-годишниот стратег е уморен од постојаните гласини дека ќе биде отпуштен ако не постигне пласман во топ 4. Од неодамна се шпекулира и дека дури и тоа може да не е доволно за да го остави на чело.

Гатузо чувствува дека има само привидна поддршка од одборот на директори, а во последно време односите помеѓу него и спортскиот директор Леонардо се многу напнати. Италијанецот не е фасциниран од тоа колку малку шефот го брани во јавниот простор.

Италијанското издание тврди дека Гатузо е решен на конечен чекор и покрај фактот дека тој нема друга понуда пред него. Тој е подготвен да замине за да остане верен на неговите принципи, а не да стане жртвено јагне.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...