В петок на полноќ Британците ја напуштаат ЕУ, ама „разводот“ ќе трае 11 месеци

Вистинското прашање е, велат експертите, што ќе се случи на 1 јануари 2021 година, првиот ден на вистински „разведената“ Велика Британија. Иако е договорено дека датумот може да се одложи до 2022 година, па дури и до 2023 година, Џонсон рече дека одлагање нема да има.

1667

В петок на полноќ по средноевропско време, Велика Британија и официјално ќе престане да биде членка на Европската унија. Часовник на Даунинг стрит ќе ги одбројува последните часови пред стапувањето на Брегзитот во сила, после период од три години дебати и преговори, кои доведоа до крупни политички промени во оваа земја.

По тој повод, до нацијата ќе се обрати премиерот Борис Џонсон. Иако парламентите на Шкотска, Велс и на Северна Ирска го отфрлија неговиот закон за напуштањето на ЕУ, а договорот в среда треба да го потврди и Европскиот парламент, сепак 31 јануари официјално ќе се смета за датум кога Велика Британија ја напушта Унијата. Лондон и Брисел до крајот на годината сепак ќе мора многу работи да расчистат со преговори, а посебно да ја регулираат трговијата.

Историски момент

Во исто време, Лондон сака да преговара за свои договори за слободна трговија со други земји, особено со САД. Тие преговори може да бидат тешки, бидејќи Лондон објави дека ќе го задржи дигиталниот данок и покрај незадоволството на САД. Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигнува во Лондон на 29 јануари, за да се сретне со Џонсон, да ги потврди „специјалните односи“ и да разговара за тоа како да ги „продлабочи по Брегзит“.

Кога часовникот на Даунинг стрит ќе го означи историскиот момент, 73-те европратеници кои ги претставуваат Велика Британија и Северна Ирска во Европскиот парламент ќе се збогуваат со своите улоги и со удобните канцеларии во Стразбур.

Инаку, Велика Британија е остров кој, географски гледано, веќе 8.000 години се двои од остатокот на Европа. Исто така, во раните 90-ти години на минатиот век, започна да се засилува евроскептицизмот во оваа земја, кој ја доживеа својата „ренесанса“ во 2010 година, кога дојдоа конзервативците на власт во земјата. Економските проблеми, како и стравот од имиграцијата, влијаеја на расположението на јавноста, па на референдумот во 2016 година граѓаните на Велика Британија решија да ја напуштат Унијата – 52,9 проценти беа за, а 48,1 процент беа против излегувањето од ЕУ.

Преоден период

Експертите велат дека состанокот меѓу Борис Џонсон и ирскиот премиер Лео Варадкар во октомври 2019 година го отвори патот за договорот за излез од ЕУ. Двајцата се согласија за спорното парче земја меѓу Ирска и Северна Ирска. Границата од 482 километри беше непремостлива пречка за поранешната премиерка Тереза ​​Меј, која не можеше да ги „помири“ двете страни, што на крајот резултираше со пропаѓање на нејзиниот предлог за Безгит, како и со нејзината оставка.

Многу луѓе во Велика Британија нема да ја почувствуваат разликата, бидејќи заедницата влегува во 11-месечен преоден рок, во кој треба да се засноваат основите на новите односи со ЕУ. Ова значи дека Британците остануваат на единствениот пазар на ЕУ и царинските давачки ќе влезат во буџетот на Унијата. Британските граѓани ќе можат да живеат, работат, учат и да заминуваат во пензија во ЕУ, додека граѓаните на Унијата ќе ги имаат истите права во Велика Британија.

Луѓето кои поседуваат британски пасоши ќе можат да патуваат и да работат во земјите-членки на ЕУ до 31 декември, а тоа вклучува и слободно движење на стоки, луѓе, услуги и капитал.

Точка од која нема враќање

Сепак, процесот Брегзит е завршен и не може да се врати. Петок е „точка без враќање“ за Велика Британија. Земјата ќе продолжи да се придржува кон правилата на Европската унија, но нема да може да влијае врз нив или да ги промени. Британскиот премиер ќе може да присуствува на самитите на ЕУ.

Вистинското прашање е, велат експертите, што ќе се случи на 1 јануари 2021 година, првиот ден на вистински „разведената“ Велика Британија. Иако е договорено дека датумот може да се одложи до 2022 година, па дури и до 2023 година, Џонсон рече дека одлагање нема да има.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...