Вучиќ по средбата со Пендаровски: Не сум сигурен дека Брисел знае што сака со нас ВИДЕО

305

Белград и Скопје имаат многу добри односи, со поголема доверба од порано и со подобрена економска соработка, оценија претседателите на Македонија и на Србија, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ по нивната денешна средба во српскиот главен град.

– Во политичките односи, освен различни погледи за независноста на Косово, немаме други отворени прашања. Сакаме да ги градиме најблиските пријателски односи – изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со Пендаровски.

Вучиќ додаде дека имал отворен разговор со претседателот Пендаровски за сите клучни прашања во билатералните односи на двете земји, регионалните иницијативи и клучните регионални прашања.

– Не е спорно дека сите чекаме да станеме членки на ЕУ, но ако ме прашате дали сум сигурен што знаат во Брисел што да прават самите со себе, а што со нас, не сум сигурен дека знаат што со нас – изјави Вучиќ.

Според него, Белград и Скопје имаат многу добри односи, со поголема доверба од пред една или две години и тие односи ќе одат само во подобра насока.

Тој потсети на Новосадската и Охридската иницијатива и нагласи дека е горд на договорот постигнат меѓу С. Македонија, Албанија и Србија.

– Знам дека не е најпопуларен, но мислам дека е иднината. Не само за нашиот регион. Паметен избор е да се преживее во ситуација кога не знаете како оди Европа. Не да се понуди алтернатива, затоа што не е за споредба, но ние имаме обврска да го направиме сами она што можеме. Затоа сум задоволен од иницијативата и уверен сум дека тоа ќе донесе просперитет на овие земји и нации – рече Вучиќ.

Според него, економската соработка меѓу двете земји напредува и оти трговијата се очекува да биде близу една милијарда евра оваа година со регистрирано зголемување од 7,6 отсто оваа година.

Претседателот Пендаровски од своја страна изјави дека неговата денешна посета на Белград е уште една потврда за односите на добрососедство и меѓусебно разбирање меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, но и уште една можност заеднички да ја потенцираат важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредувањето на меѓусебниот дијалог, како меѓу себе, така и пошироко во регионот.

– Нашите земји и народи ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваме и визијата за заедничка иднина во големото европско семејство. Оттука, контактите на највисоко ниво меѓу нашите две земји имаат посебно значење и даваат силен сигнал и за понатамошен развој на пријателството и соработката на сите други нивоа – додаде Пендаровски.

Како што кажа Пендаровски, со претседателот Вучиќ разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ. Тој уште  еднаш го истакнал ставот дека за нас не постои друга одржлива алтернатива и гаранција за стабилност, сигурност и просперитет, освен полноправно членство во Унијата.

– Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка – изјави Пендаровски.

 

За разлика од него, Вучиќ повтори дека и за Србија целта е членството во ЕУ, и веќе има отворано 17 поглавја, но со францускиот „нон-пејпер“ документ многу работи се нејасни.

– ЕУ сега во овој момент бара начин, поради Преспанскиот договор да ја задоволи Северна Македонија, за Албанија е малку потешко, да отвори преговори….кога ќе ги прашате, а што потоа, што кога ќе се отварат преговорите, во март или во мај во Загреб, никој нема одговор во ЕУ што ќе биде потоа со преговорите со Србија и Црна Гора, па и со Северна Македонија откако ќе ги отвори преговорите. Таков план немаме видено досега. Затоа до нас во регионот е да отвараме повеќе автопатишта, пруги, се повеќе да се спојуваме и да соработуваме, да бидеме се поуспешни – изјави Вучиќ, во контекст на  иницијативата за „Мал Шенген“.

И Пендаровски ја оцени иницијативатат за „Мал Шенген“ како одлична, истакнувајќи дека тоа не е алтернатива на ЕУ, за што добил потврда и од францускиот претседател Макрон.

– Тој треба да се менува, да се шири и да ги опфати сите шест држави од Западен Балкан, без да го прејудицирам идниот статус на Косово, треба да се најде решение за сите држави да влезат во оваа иницијатива, бидејќи така може да имаме сите бенефиции и поголем пазар, и сите без надворешна пресија да се однесуваме како Европјани – рече Пендаровски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...