Вучиќ не нè мрази, само нè презира

Збогувањето на Груевски со власта во Скопје, во Белград беше сфатено како уште еден неповолен геополитички сигнал дека обрачот на непријателското демократско, прозападно окружување околу Србија уште повеќе се стега, заканувајќи се дека погубното „македонско сценарио“ (токму така дефинирано од самиот Вучиќ), порано или подоцна, ќе чукне и на нивните деспотски врати.

4887

Ќе беше вистинско чудо да се јавеше Александар Вучиќ во врска со бегството на Груевски низ Србија за Унгарија, а да пропуштеше шанса на некој начин да ја омаловажи Македонија. Онака, арогантно и цинично, од високо, во „јужносрбијански“ стил, речиси навреден што е ставен во ситуација да троши време да говори за така безначајна тема каква што е Македонија.

Мислам дека дури кога мора да се занимава и со Албанците, таа вечна српска националистичка главоболка и траума, кај Вучиќ има повеќе респект, одошто кога говори за Македонците. Тогаш во него, веројатно и несвесно, се будат фрустрациите на оној мал потрчко што, своевремено, на Шешељ морал да му вари кафе (или беше да носи гајби со кисела вода?), но минус ерудицијата и автодеструктивниот шарм (во недостаток на подобар квалификатив) на самиот Шешељ. Висок е Вучиќ, но ни таков со глава не може да ја допре шовинистичката летвичка што ја извиши Шешељ.

Ова нетрпение на Вучиќ за Македонија е особено нагласено по падот на Груевски од власт. Многу енергија, кадровска и политичка поддршка, видлива и невидлива, инвестираше Србија во опстанокот на Груевски на врвот на македонската политичка сцена, бидејќи во него, со право, препознаа сигурен сојузник во „автократската интернационала“ на која здушно припаѓа и самиот Вучиќ.

Збогувањето на Груевски со власта во Скопје, во Белград беше сфатено како уште еден неповолен геополитички сигнал дека обрачот на непријателското демократско, прозападно окружување околу Србија уште повеќе се стега, заканувајќи се дека погубното „македонско сценарио“ (токму така дефинирано од самиот Вучиќ), порано или подоцна, ќе чукне и на нивните деспотски врати. Србија е секако во неколкугодишен заостаток од „успесите“ на Грујо во Македонија, иако мноштво од овдешните вмровски проекти – од „Београд на води“, до оперирањето на валканата пропаганда, контролата врз судството, употребата на тајната служба и „окупацијата“ на медиумскиот пазар – здушно се обидуваат да ги копираат, па и да ги усовршат.

А, потоа, оној Заев! Вучиќ не може да го поднесе! (Слично на србијанската македонска политичка школа овде, распоредена низ една сурија медиумски пропагандни шубари на Грујо, која не остави навредлив епитет неупотребен за да го омаловажи Заев…) Се плаши Вучиќ од тој микс на упорност, издржливост, храброст и балканска итарпејовштина со која Заев, миц-по-миц, како некаква струмичка супер-мравка, го сруши Груевски од власт.

Вучиќ на Заев гледа како на американски политички конструкт, на калоричен погон на ајвар, кој ја научил лекцијата на косоварите: слушај и прави така како што ќе ти кажат Американците и успехот во политиката ти е загарантиран!

Е, единствено повеќе од Албанците, Вучиќ како да ги мрази Американците – не мешајте: нас не нè мрази, нас нè презира – а за тоа има и добри причини бидејќи, да не беа тие, веројатноста ќе беше многу поголема дека Милошевиќ ќе ги добиеше сите војни што ги започна, па ги загуби сите од ред. Со последиците од тие воени порази сега се занимава Вучиќ, и не му е лесно, и покрај (или заради?!) сесрдната асистенција на еден од најснаодливите кадри на госпоѓа Милошевиќ, Ивица Дачиќ.

Во оваа македонско-српска политичка хемија не очекувајте голем напредок, вон фактот на меѓусебните симпатии кај мнозинството од македонскиот и српскиот народ. Бидејќи, во политичка смисла, денешно Скопје и денешен Белград се како зејтин и вода, можете колку сакате да ги кљункате, тие нема да се смешаат.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...