Претседателот на Србија Александар Вучиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН за трансформацијата на косовските безбедносни сили во „војска“ кажа дека е многу загрижен и малку уплашен за иднината и од иднината, пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ најпрво реагираше на претходното излагање на генералниот потсекретар на ОН за мировни мисии Жан Пјер Лакроа, кој ги повика Белград и Приштина нешто да направат.
„Не се сложувам со таа вообичаена фраза – Белград спроведе сѐ што беше договорено“, кажа Вучиќ.
Тој наведе дека Приштина не ги исполни обврските од договорот што го потпиша во Брисел, како и дека ги крши ЦЕФТА договорот и Договорот за стабилизација и асоцијација.
Ситуацијата, според српскиот претседател, е ужасно комплицирана.
„Уплашен сум за иднината на народите во целиот регион“, истакна Вучиќ.