Вучиќ во многу напната ситуација во Косово, која почна уште од раните утрински часови, со блокада на улиците и истрели од оружје каде што требаше да помине, одржа говор на главниот плоштад во Косовска Митровица. Говорот на Вучиќ беше главно насочен кон Србите што живеат во Косово, а српските медиуми веќе го оценија како историски.
– Им благодарам на сите што го чуваат и бранат српско постоење во Косово и оние што гледаат во иднината, наша, српска и на Србија, но и за неопходноста за соживот со Албанците. Повеќе пати сум бил во Косово, секогаш избирав моменти кога не беше лесно и не знам дали беше потешко тогаш или денес. Сакав да ви покажам дека разбирам низ што поминувате. Кога ви зборувам дека сакам да ги менувам границите, не ви ја зборуваат вистината. Сакаме да направиме сè што можеме и да зачуваме сè што можеме во Косово и Метохија – нагласи српскиот претседател.
Тој потсети на говорот на Слободан Милошевиќ на Газиместан во јуни 1989 година, пред почетокот на распадот на СФРЈ. Вучиќ рече дека Слободан Милошевиќ бил голем српски лидер, но дека желбите на Србија во тоа време не биле реални и дека Србија не сфаќала дека не е сама во светот и дека не може без светот и поради тоа платила цена.
Вучиќ рече дека Србија не сака во НАТО бидејќи ја чува својата независност и дека анимозитетот меѓу него и косовскиот претседател Хашим Тачи е обостран.
– Јас не го сакам, не ме сака ни тој мене, но можам и пред Тачи и пред секој друг во светот да одам заради Србија. И пред Могерини и Меркел, Макрон и Путин. Компромис е кога сите добиваат, барем по малку и никој не добива сè“. Тој додаде дека ќе направи сè за компромис. Мојата работа е реалноста, на ова Косово и во оваа Србија, а не некаде горе, на небо – додаде тој.