Премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија Александар Вучиќ, денеска се сретнаа на граничниот премин Табановце-Прешево каде најавија дека ќе започне да се применува заедничкото гранично управување или проектот „One stop shop”.
Со овој проект се очекува да се скрати времето на царинење и на контроли. Со едно застанување на заедничка испостава ќе се преполови времето на чекање на граѓаните, превозните средства и стоките. Проектот е во финална фаза и институциите од двете држави се подготвени да го имплементираат.
Овој концепт за првпат ќе се применува на овој граничен премин, со Република Србија, рече премиерот Заев, кој се заблагодари на Светска банка која преку Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ, го поддржува ваквиот проект.
– Сето тоа е дел од заедничката економска агенда на Западен Балкан којашто ЕУ ја заокружи, а ние премиерите на Западен Балкан ја потврдивме на самитот во Трст.Навистина ми е драго што шенген механизмите ги воведуваме овде, односно ја носиме Европа овде на Блаканот, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека ова е уште еден пример на големото пријателство на Македонија и Србија, кое секогаш, истакна, е докажано. Изрази уверување дека ќе расте во наредниот период и во делот на отворање на нови гранични премини на што, како што истакна, работат двете влади, како и на унапредување на соработката.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека заедничкото управуавње ќе го скрати времето на поминување, бидејќи на исто место ќе се извршат сите проверки од царински до ветеринарни.
– Ова е од особено значење и за двете земји и за стопанската активност и за туристите. Би рекол дека ова дополнително ќе ги поттикне луѓето да го користат овој премин, да поминуваат низ територијата на нашите земји, многу побрзо и многу поедноставно, посочи Вучиќ.
Тој истакна дека со премиерот и претходно разговарале и околу воспостваување на регионална зона, како и со останатите земји од регионот и изрази уверување дека тука ќе биде прво место каде што ќе биде воспоставена.
Вучиќ додаде дека Србија и Македонија се две пријателски земји, два пријателски народи, историски и сегашни со блиски односи и стратешки блиски и додаде дека помалку е важно дали некогаш ќе има тактички размерици.
Определбата, рече Вучиќ, е да има најдобри односи помеѓу Белград и Скопје, а ова е еден од примерите во кои се покажува соработката, со која, додаде, се намалуваат тршоците и за граѓаните и за превозниците.
– Со овој проект двете држави стануваат поконкурентни, ќе се оставаат повеќе пари и повеќе работа во двете земји, бидејќи нема да се користат премините во други држави каде има помалку бирократија, рече Вучиќ и истакна дека очекуваат и засилена економска соработка.
Премиерот Заев најави дека следува потпишувањето на билатералните спогодби, помеѓу царините, министерствата за внатрешни работи, фитосанитарните управи, ветеринарните служби кои наскоро ќе се преадаптираат, по што на заедничка средба на владите ќе се потпишат и официјално ќе започне овој проект за граѓаните на двете земји.
Според податоци кои ги презентираа Заев и Вучиќ во регионот се губат милијарда евра со чекање на границите. Овој проект ќе им помогне и на стопанствениците, ќе ја забрза стоковата размена.
Одговарајќи на новинарско прашање кога ќе се одржи заедничка седница на двете Влади, премиерот Заев рече дека владините седници се подготвени и дека досега не се одржани поради агендите на Македонија и на Србија.
– Ние имавме сериозни преговори со Грција, постигнавме договор, еве сме во подготовка на референдум и почна кампања за референдум. Истовремено Србија е посветена на изнаоѓање на решение на проблемот со Косово. Седниците се подготвени, верувам дека наредната седница ќе зборуваме за овој проект со сите протоколи за потпишување на спогодбите и отпочнување на соработката, рече Заев.
Претседателот Вучиќ одговори дека наскоро пред крајот на годината ќе има заедничка седница и дека премиерката го информирала дека има доста теми за разговор со владата на Македонија.