Вучиќ: Зборував со Ѓукановиќ за Законот за верски слободи, ама нашите ставови се разидуваат

291
ФОТО: EPA / GEORGI LICOVSKI

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека синоќа имал тежок и сложен разговор со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

– Долго зборувавме за положбата на српскиот народ и за неодамна донесениот закон за верски слободи во Црна Гора. Се согласивме дека нашите ставови и позиции се многу оддалечени и дека не може да се постигне заеднички став за овие прашања – изјави Вучиќ за „Блиц“.

Вучиќ оцени дека се согласил со Ѓукановиќ наскоро да ги продолжат разговорите.

– Разговаравме како цивилизирани и одговорни луѓе, свесни дека Србија и Црна Гора никогаш не треба да бидат антагонизирани една на друга и дека е потребно да се продолжат разговорите што е можно поскоро, кои ќе доведат до натамошно намалување на тензиите и изнаоѓање решенија – кажа Вучиќ,.

Тој додаде дека е разговарано и за европскиот пат на Србија и Црна Гора и е договорена поголема меѓусебна координација на идните настапи пред европските институции и за продолжување на разговорите за поголема слобода и брзина на проток на стоки, луѓе, капитал и услуги во регионот (мал Шенген).

Претседателите на Србија и Црна Гора разговараа за време на официјалната вечера која домаќинот, израелскиот претседател Рувен Ривлин ја приреди за 40 светски лидери, пред денешната комеморативна церемонија по повод 75-годишнината од ослободувањето на затворениците од нацистичкиот логор Аушвиц-Биркенау.

ФОТО: EPA / GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...