Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се залага за разграничување на Косово, оценувајќи дека тоа е „апсолутно најздраво за Србија и Србите“, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој најави дека ќе распише референдум за оваа тема, ако има нешто да им предложи на граѓаните, „но дека предлог во моментов нема“.
– Јас сум за разграничување и не се срамам од тоа, но Србите се против тоа и јас ја разбирам пораката на народот. Ние не сме подготвени да ја слушнеме вистината за Косово, дури и кога сите го знаат тоа. Луѓето не сакаат тоа да го прифатат, бидејќи ги допира нивните емоции – изјави Вучиќ за ТВ Прва.
Тој посочи дека по говорот во српскиот Парламент, на седницата за Косово, популарноста, според анкетите за јавното мислење, му е падната за два процента и „отидена е директно за радикалите“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во Братислава, на меѓународната конференција во организација на ГлобСек (посветена на безбедноста во центарлна Европа), ќе ја каже вистината и дека е неопходно Америка да ја убеди Приштина да ги укине таксите за српската стока, додавајќи дека таму ќе биде и косовскиот претседател Хашим Тачи, со кого нема да има билатерална средба.
– Одам ослободен од секаква вина и одговорност за она што се случува во Косово – рече Вучиќ.
Говорејќи за претстојната седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Косово по акцијата на единиците на РОСУ во општините со мнозинство Срби, Вучиќ рече дека седницата на Советот за безбедност на ОН секогаш била важна поради „статусното прашање”, но исто така оцени дека собирот во Париз на почетокот на јули во организација на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел е „многу поважен”, иако, како што наведе, не е сигурно дека тој ќе се одржи воопшто.
Тој, исто така, изјави дека редовните парламентарни, покраински и локални избори ќе се одржат во март или април 2020 година.
Вучиќ за ТВ Прва оцени и дека „нема да се случи” Србија да не отвори нови преговарачки поглавја со ЕУ.
– Ќе отвориме поглавја, ова не е особено важно за граѓаните, но за нас е важно, бидејќи зборува за она што го правиме, во кои области имаме напреднато, а во кои не. Има работи кои ќе мораме да ги смениме, реков дека освен во исклучителни ситуации како што се меѓународните договори, веќе нема да може да се менуваат закони по итна постапка – рече Вучиќ.
Тој ги отфрли критиките од извештајот на Фридом Хаус за медиумските слободи во Србија, оценувајќи дека тие „не претставуваат ништо ново“, наведувајќи дека за „притисокот говорат оние кои сакаат да напишат што и да сакаат“.
– Тоа не се опозициски, туку тајкунски медиуми кои ги имаат добиено сите дозволи од државата. Ние треба да направиме подобри рамки и да бидеме поотворени – изјави Александар Вучиќ.
ФОТО: EPA/DJORDJE SAVIC