Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Собранието поднесе извештај за Косово, во кој изјави дека доколку не се постигне компромисно решение „ќе има напади на Албанците”, но и дека доколку се постигне компромис, за што е скептичен, „тогаш граѓаните за него ќе одлучуваат на референдум“, јави дописникот на МИА од Белград.
На собраниската седница, покрај српската премиерка Ана Брнабиќ и министрите, присуствуваа и 156 пратеници од владејачката коалиција и радикалите со Воислав Шешељ, а најголемиот дел од опозицијата ја бојкотираа седницата.
– Многу борба е пред нас, порача Вучиќ во говорот во Парламентот, кој траеше два и пол часа. Тој оцени дека има две можности во однос на Косово – нормализација на односите меѓу Србите и Албанците и замрзнат конфликт, за кој рече дека „не значи ништо и дека Албанците можат да го одмрзнат во секој момент и да ги нападнат Србите“.
Вучиќ рече дека ќе стори сé што е можно ако Приштина ги укине таксите за увоз на стоки од Србија, за да дојде до некој вид компромис.
Тој рече дека Србија нема власт во Косово и дека е неопходно да се спречи заблудата во јавноста, додавајќи дека за тоа зборува седум години откако е на власт, како што говорел и дека е потребен мир и стабилна економија и договор со Албанците.
– Веќе седум години се расправаме, преговараме… и можам мирно да ви кажам – ние не изгубивме ништо што веќе не е изгубено, ниту пак сме тргувале со нешто што некој одамна го нема продадено и ние не дадовме нешто што некој веќе го нема дадено, туку почнавме да ја враќаме Србија во играта и да го има она што може да го има, рече Вучиќ.
Тој истакна дека Приштина не сака да продолжи со дијалогот, а „дали ќе посака е многу повеќе прашање за нивните западни ментори“, како и дека Србија е подготвена за дијалог штом ќе се укинат таксите.
Вучиќ кажа и дека не е среќен што за Косово мора да разговара со косовскиот претседател Хашим Тачи, но дека тој смета „дека на Тачи му е полошо што мора да разговара со него“.
Поголемиот дел од опозицијата која го бојкотира Собранието укажа дека седницата за Косово е „фарса” на актуелната власт“ и „фингирање на дијалогот”. Од опозицијата порачаа и дека граѓаните нема да слушнат ништо ново од претседателот на Србија, ниту, пак, ќе биде изнесен предлог за решавање на косовското прашање.
Пред почеток на седницата, се случи и инцидент кога возило со претседателот на Српската радикална странка (СРС), Воислав Шешељ, ги „истурка“ пратениците на Двери кои дојдоа пред Парламентот да го „дочекаат“ претседателот Вучиќ, а возачот на Шешељ со безбол палка го удри членот на претседателството на Двери, Југослав Кипријановиќ.