Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, по состанокот со неговите потпретседатели, ги брифираше новинарите за донесените одлуки во врска со процесот на ратификација на Договорот од Преспа, што, како што претходно објави МИА, започнува попладнево, а ќе заврши в четврток со гласање на пратениците.
Вуцис на брифингот рече дека ќе има доволно време за сите пратеници да ги изразат нивните ставови, бидејќи пленарната седница може да трае минимум 28 часа, односно колку што ќе биде потребно, јави дописничката на МИА од Атина.
– Од денес попладне во 17 часот, а веројатно до утре напладне ќе се одржи процесот на Комисијата за надворешни работи и одбрана, тоа е потребното време за сите да ги кажат нивните мислења, потоа ќе биде доставен извештај. Во среда попладне во 10 часот, па до колку што сакаме, колку што ќе биде потребно и во четврток од 10 часот, повторно колку ќе биде потребно, минимум 28 часа, што се соодветни на три или четири денови расправа, ќе дискутираме за Договорот од Преспа, рече претседателот на грчкиот парламент.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина, кога протоколот за членство во НАТО би дошол во грчкиот Парламент, Вуцис рече дека тоа го знае владата, Министерството за надворешни работи на Грција и Генералниот секретар на Столтенберг. Објасни дека зелено светло треба да даде НАТО, истакна дека намерата на грчката влада е да го донесе веднаш.