Српскиот министер за одбрана Александар Вулин во Москва, на државниот канал „Русија 24“ порача дека „светот нема да ја сопре несреќата на Балканот доколку допушти создавање на Голема Албанија“.
Тој оцени дека сите Албанци, со исклучок на две општини во Србија, се наоѓаат во единствено политичко – безбедносно опкружување на НАТО, пренесе Спутник Србија.
– Кога Северна Македонија ќе стане членка на НАТО, а тоа се очекува веќе оваа година, сите Албанци ќе живеат во единствено политичко и безбедносно опкружување. Тие бараат формализација на нивната територија преку граници. Сите земји молчат. Црна Гора многу често ја напаѓа Србија, но не и „Голема Албанија”, иако таа сака да земе дел од нејзината територија. И Северна Македонија многу често ќе ја напаѓа Србија, го призна Косово без било какви проблеми, а половина од нејзината територија е на патот на „Големата Албанија”. Сите молчат, само Србија зборува – рече Вулин.
Тој оцени дека и покрај тоа што во Србија нема консензус за Косово, нејзин интерес е да ги заштити Србите на Косово.
– Ако сакате да го решите албанското национално прашање, и Србите ќе го решат своето национално прашање. Ние немаме втор пат. Значи, кога зборувате за Косово, не го одвојувајте од целината на српското прашање. Ние мораме да го решиме целосно српското национално прашање, вклучувајќи го и Косово, а не без него. Претставниците на меѓународната заедница мора да имаат разбирање за српските проблеми – посочи Вулин.
Според него, додека Србите се на Косово, можеме нешто да направиме. -Она што ни е многу важно, дека големите и моќни земји како Русија, мораат да препознаат дека се создава „Голема Албанија“, рече Вулин, додавајќи дека „додека претседателот Александар Вучиќ е врховен командант на српските вооружени сили, и додека сум јас министер за одбрана, можете да бидете сигурни дека никогаш нема да влеземе во НАТО, дури и да бидеме последната земја во Европа која не е членка на НАТО”.
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин, на покана на рускиот колега Сергеј Шојгу, во Москва учествуваше на Осмата конференција за безбедност.