– Во целосна координација сме и со министерот за здравство и со министерката за труд и социјална политика, под чија надлежност е предучилишното образование, и сериозно ја следиме ситуацијата. Според тоа што ќе го имаме на терен, ќе преземеме мерки во пресрет на второто полугодие. Ќе биде преземено тоа што е неопходно од наша страна како надлежна институција – изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми по посетата на ОУ „Васил Главинов“ во Чаир кое се реконструира.
Тој додаде дека со тие две министерства МОН е во координација и за изнаоѓање законско решение со кое, како што рече, ќе се поттикнат сите родители да ги вакцинираат децата затоа што основното образование е задолжително.
– Треба да водиме грижа и за следење на воспитно-образовниот процес во основно и за вакцинацијата на нашите деца. И во постојниот Закон за основно образование е предвидено дека при упис на децата во основно, нивните родителите треба да докажат дека биле вакцинирани – рече Адеми.
Тој соопшти и дека втората нацрт-верзија од новиот закон за основното образование е во финална фаза и наскоро ќе биде објавен на електронскиот регистар на прописи (ЕНЕР) и, како што рече, ќе содржи квалитетни решенија.