Врховниот суд ја спаси поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да не замине во затвор на 1 јули.
Бившата министерката требаше да почне да ја издржува затворската казна од 4 години, на која е осудена во случајот „Тенк“ на СЈО.
Меѓутоа, таа до Врховен поднесе барање за вонредно преиспитување на пресудата. Највисокиот суд не се произнесе за тоа, но одлучи Јанкулоска да остане на слобода додека да одлучи за нејзиното барање за вонредно преиспитување.
На ист начин, пред неколку години од затвор се спаси и поранешниот премиер Владо Бучковски. Врховен му го одложи одењето во затвор додека да се произнесе по однос на вонредното преиспитување, а потоа го врати предметот на повторно судење, кое сѐ уште не е завршено.