Врховниот суд ги разгледува пресудите за набавката на блиндираниот „мерцедес“ против бившиот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, како и против екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Една од опциите е пресудата за „Тенкот“ на СЈО да падне и предметот повторно да се врати на судење. За да одлучи, највисокиот суд беше во исчекување на оригиналните списи од целиот предмет, кои во целост ги доби пред околу еден месец.
– Постапките по наведените предмети се во тек пред Врховниот суд на Република Северна Македонија. Судот заради интересот на јавноста ќе објави соопштение за одлуките кои ќе бидат донесени и како и во сите предмети, анонимизираните одлуки ќе бидат јавно објавени. Во овој момент не може да се знае кога ќе се одлучува по овие предмети, бидејќи се води вообичаена постапка според која не е потребно одржување на јавна седница – велат од Врховен.
Кога ќе биде донесена одлука нема рок, но ако Врховен одлучи до крајот на месецот и ако го врати предметот тоа ќе значи дека Јанкулоска нема да замине во затвор. Таа е осудена на четири години затвор, но побара одложување на казната додека нејзиното дете не наполни една година. Основниот суд ѝ го прифати барањето и го одложи влегувањето во затвор до 1 јули годинава.
Постапката во Врховен се води паралелно, а е по барање на осудените за вонреден правен лек и може да заврши пред споменатиот датум. Покрај укинување на пресуда, овој суд може и да ја потврди или преиначи.
Токму кога пресудата за „Тенк“ стана правосилна и поранешниот премиер доби термин за во затвор, тој избега во Будимпешта и побара политички азил. Пресудата и да падне пред Врховен, Груевски не може да се врати во земјава како слободен бидејќи за него е определен притвор во пет други предмети каде тој е обвинет или осомничен.
Тој во случајот доби двегодишна затворска казна.
Поповски, пак, е осуден на четири години и шест месеци затвор и тој веќе се наоѓа во притвор.