Врховен го вратил на докомплетирање барањето за изземање на судиите во „Т.Н.Т.“

446

Барањето на адвокатите на обвинетите во случајот „Т.Н.Т.“ за рушењето на Космос, во Врховен стигнало во средата, но вчера од највисокиот суд испратиле писмо до Основниот суд Скопје 1 во кое побарале да се докомплетира предметот.

Тоа значи дека врховните судии сè уште не одлучиле дали судиите од Кривичен во овој предмет ќе им судат на поранешниот Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Оттука е извесно дека денешното рочиште за „Т.Н.Т.“ ќе се оддложи.

„Барањето за изземање за кое баравте информација е примено во Врховниот суд на Република Македонија на 11.04.2018 во 14:35 часот. Бидејќи предметот не е комплетен, наредниот ден е доставeно писмо до Основниот суд Скопје 1 Скопје со барање истиот да се докомплетира. Кога ќе биде комплетиран предметот ќе се одлучи по барањето за изземање во постапка согласно Закон“, соопштија од Врховен.

Барањето за изземање на судиите одбраната го поднесе на минатото рочиште на 5 април. Адвокатот Еленко Миланов наведе дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева при гостувањето во емисија на ТВ 24 рекла дека постојат судии кои се прислушувани, а постапуваат по предметите на СЈО.

Тој побарал одговор од обвинителството кои судии се прислушувани, но не добил, па затоа побара изземање на двајцата судии Огнен Ставрев и Осман Шабани, како и трите судијки од поротата во овој предмет.

За овој предлог требаше да одлучуваат претседателите на Кривичен и Апелација (Иван Џолев и Бајазит Бајазити) и нивните заменици (Бајазит Бајазити и Сафет Кадрии), но поради можноста и тие да биле нелегално прислушувани барањето за изземање се однесува и на нив, па затоа одлуката треба да ја донесе Врховен суд.

Адвокатот Миланов посочи дека ваквото барање судот не треба да го сфати погрешно, туку во насока на зачувување на нивниот интегритет.

Ваквите барањаа се претвораат во пракса во предметите на СЈО, адвокатите истите ги поднесуваа и во „Тенк“ каде истото беше одбиено, а вчера и во случајот „Титаник“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...