Времињата над македонската земја полека и сигурно се трансформираат од „интересни времиња“ во „судбоносни и историски времиња“. Државата е поставена на шините по кои се стигнува до дефинитивното и долгоочекувано признание дека е препознатлива творба на Македонците и на македонските граѓани… Со име и презиме, со народ познат и признаен од ситe, со порти што полека се отвараат кон цивилизираниот свет… Кон вековната амбиција да се биде дел од Европа, од онаа Европа која постојано ја псуевме, ја кудевме, ја мразевме, ја нарекувавме „Блудница Вавилонска“… Сега е редот на македонските граѓани, да го испочитуваат „возниот ред“ и да стигнат до крајната посакувана дестинација во европскиот простор. Тоа е, според сознанијата, народната волја во Република Македонија. Тоа е македонскиот удел во овие „судбоносни и историски времиња“ во кои учествува целата позитивна социјална енергија со мобилизиран колективен и индивидуален ум и дух на сите што сакаат да се оствари сонот за европска Македонија.
Велат секое време има свој херој. Секој дел од времето има изразена интенција и потреба од ново, големо, полезно, позитивно, убаво, похумано… Тоа е континуитетот на историјата и на еволуцијата на социумот. Одговор на ваквата интенција и потреба на времето доаѓа од луѓе кои со знаење, умеење, оптимизам, ентузијазам, хуманизам, искреност успеваат да го покренат тркалото на историјата, да го ослободат времето од сопствените прангии. Да донесат реформи. А реформите стануваат можни преку воспоставување на еден интересен спој меѓу времето што е созреано за реформи, од една страна, и, од другата страна, луѓето кои стануваат Титани и се фаќаат во костец со социјалните проблеми. Спојот потоа се преточува во реформи и станува Време на Титаните. Реформите потоа Хамлетовската дилема „Да се биде или да не се биде“ ја заменуваат со повикот „Како да бидне“. Времето на Титаните го фрла на буништето на историјата Времето на Жабурникот. Почнува новата ера на надеж и на мобилизирана социјална енергија.
Ова, драги читатели, не е сценарио за некаков филмски спектакл или некаква science fiction креација. Ова е едноставно претстава која се одвива во актуелново време, на македонскиот државен и социјален простор, со конкретни актери. Народната волја и дружината на бестрашниот Титан со останатите Титани го демистифицираа Жабурникот, го отпочнаа Времето на реформи со пораките Едно општество за сите, и Живот во Македонија. Жабурникот е заглавен некаде по судските лавиринти, очекувајќи го дефинитивниот народен став за нивната катастрофална политика.
Времето на Титанот (Титаните) во републикава ќе го обележуваат активности со кои дефинитивно ќе се заокружи приказната за, според некои „патриоти“, Третиот (и дефинитивниот) АСНОМ. Сложените времиња наметнуваат сложени задачи, но бараат и сложени и успешни одговори за начинот на нивното позитивно и просперитетно решавање. Ваквите задачи може да се групираат во четири насоки: прво, реформирање и демократизација на социјалниот и економскиот систем, второ, „европеизирање“ на менталниот склоп на македонскиот граѓанин, трето, решавање на спорот со името, и, четврто, Евроатлантската интеграција на македонската држава. Титански задачи за титански потези и персоналитети. Но, со успешно решавање на овие сложени задачи се исполнуваат целите на Внатрешната македонска револуционерна организација, како и на комунистичко-антифашистичко-партизанското движење за слободна и независна Македонија.
Вакви размислувања во Времето на Жабурникот или беа игнорирани, или беа криво толкувани пред македонската јавност, беа претварани во погодни популистички формули за одлагање на демократските процеси и за одржување на диктатурата. Несогласувања со прогресивните цели има и натаму во определени општествени групи и поединци. Тоа се оние што се „инфицирани“ со вирусот на незнаењето, или со клиентелизам кон минатата власт, или се свесни дека нивните привилегии (со непознати заслуги) и убав живот од нив повеќе не важат, или со вирусот на патриоманија (лат. patria татковина, грч. mania – помама, страст, лудило – што значи претерана љубов кон татковината), или со вирусот на лажен патриотизам. Ваквиот проект за препород, според нив, се сведува на распродажба на македонскиот интерес, или е национално предавство. Оние најфанатизираните се и натаму оптоварени и заробени со претстави за државата, етничкото или патриотизмот кои немаат никакви допирни точки со современите случувања и сфаќања на политичките процеси и односи во светот на 21-от век.
Времето на реформи ги „чешла“ сите аспекти и феномени на социјалното живеење. Коренито, континуирано, систематично. Со ваквиот метод се создава можност промените да бидат темелно вградени во социјалната зграда и да траат долго, сѐ додека од нив зрачи силна, цврста и ефикасна позитивна енергија. Во исто време, промените мораат „самоиницијативно“ да реагираат на потребите за сопствено надградување за успешно вршење на својата социјална функција. Таков е амбиентот и пристапот на Времето на Титанот (Титаните) при средбата со Времето на реформи.
Во оваа насока е особено интересна „судбината“ на општествената вредност патриот и патриотизам. Дефиниција за патриот е (лат. patriota, грч. patriotes земјак, од patrios – близок по род на татковците или предците, народски) – оној што ја сака татковината, родољуб. Дефиниција за патриотизам е (лат. patriota) – љубов кон татковината, родољубие. Локален патриотизам – љубов ограничена само на најтесното живеалиште, или место на раѓање. Во времето на Жабурникот оваа вредност служеше како средство за манипулација со масите. Во оптек беа два термини: патриоти (нормално, тука се вбројуваа припадниците на владеачката номенклатура) и предавници (тука се сврстуваше огромниот број на политички неистомисленици и противници на катастрофалната политика на власта). При тоа, доминираше идејата дека патриотизмот е, пред сѐ и над сѐ, слепа оданост и покорност кон власта, кон Вождот. Меѓутоа, Времето на реформи ја отстрани таквата идеја, тоа настојува да ја афирмира идејата дека патриотските чувства и дела се врзани за новата слика на државата – наместо заробена држава таа да се претвори во современа европска државна творба. Патриотски придонес на Титаните ќе биде во ослободената и рационална држава да се случи модерна економија, техника и технологија; стабилна демократија и заслужено место во високоразвиениот дел од меѓународната заедница. Република Македонија заслужува да биде современа држава со современи луѓе.