Дали позитивниот извештај на Европската комисија, именуван од техничкиот премиер Спасовски како „феноменален, одличен“, ќе биде дополнителен мотив за некакви промени на власта во поглед на културата и политиките во оваа област?
Којзнае, тоа бргу ќе се види, иако јас не сум голем оптимист зашто – сега особено – власта ќе се концентрира на некои (за неа) многу побитни прашања, а културата повторно ќе остане на опашката на настаните. Ама, како што велат Кинезите, кога една врата се затвора, друга се отвора. И таа друга врата, овде разбрана како можност за културата да се концентрира на нејзините интерни проблеми, е веќе одамна отворена. Низ неа мора да се помине, со штитот или врз него! А за тоа е неопходно дејствување. Во сите насоки.
Културата денес ќе мора да се справи со огромно негативно наследство, ама и со низа погрешни, или релативно погрешни, „тези“ за нејзината иднина. Меѓу нив, меѓу особено погрешните, ги сметам оние на македонската (некултурна) опозиција – ајде да не го спомнам повторно вемерото зашто гаулајтерон Момировски пак ќе ме кодоши! – којашто де факто (што би рекол Сашко Коцев) упорно настојува да ја држи културата во зависност од државата/политиката.
Меѓутоа, во самата сушност на културата е да биде критична и, особено денес, актуелна (некој тоа би го нарекол политична, и не би згрешил!), што впрочем беше и една од темите на неодамнешното „Берлинале форум“. Се разбира, многумина би констатирале дека ние сме веќе светлосни години далеку од вакви и слични теми, ама би згрешиле: ние, културата, мора(ме) особено да се бавиме (и) со нив зашто токму тоа и’ ги дава потребните крилја на културата, ја конструира, би рекол, нејзината аура како важен, ако не и најважен, општествен критички феномен/процес! (Да не бидам непристоен и да им држам лекции на претседателот на државата и екс-премиерот, ама ако тие очекуваат науката, здравството и образованието да бидат тој критички фактор во државата/општеството, ќе се изначекаат).
Но, морам да потенцирам, во јавноста парадираат и уште едно чудо други теории „о млакој води“ (што би рекле северните соседи), за клучните прашања што македонската култура треба/мора да ги реши во блиска иднина, за разноразните фактори (меѓу другите и за самостојните уметници како еден од нив, за важноста на т.н. независна културна сцена итн.!?) што влијаат на состојбите и слично.
Се разбира, сите тие сегменти се дел од културата и се битни за нејзиниот натамошен развој и односи со државата/власта и за нив неопходно ќе се разговара во некоја поблиска иднина. Ама, се’ некако ми се чини дека се еднодиоптриски, поврзани главно со амбициите и желбите на одделни луѓе, или групи, за поголемо влијание во културата, што не е тема на денот односно не е, денес и утре, приоритет на македонската култура. Таа, недвојбено, има многу побитни генерални проблеми за решавање, ако сака да излезе од овој жабурник на наметнати партократски, лични и групашки интереси! Ние имено, за жал, не разговараме ни за некои далеку поважни нешта од спомнатите: за стопирањето на реформските процеси, за ретроградноста во законската регулатива, за очебијниот криминал во распределбата на средствата, за нестручноста и некомпетенстосна на кадрите, за затвореноста и неспособноста на институциите…!
А треба да разговараме, ако веќе државата не сака, тогаш културата мора да води интерен дијалог, да каже што и како сака, односно што и како може. И мора да разговара за подготовките за оној потенцијален иден „муабет“ помеѓу политиката и културата, којшто ќе биде тежок, претежок. И за тоа има премногу примери, ама ниту еден не е баш онака тесногрард или еднонасочен (како што некои сакаат да ги наметнат) туку е општ, генерален, но функционализиран низ некои актуелни примери. Ете, на пример, и Друштвото на филмските работници никој не го удостои со одговор на неговите предлози/барања за поинакво регулирање на финансирањето на филмската дејност. Без оглед што јас или некој друг мисли за предлогот, Владата на оваа држава, а особено министерот за култура и вицепремиерот за економски прашања не смеат да си дозволат такво игнорирање. Зашто ДФРМ предлага некаков (иако малку чуден) нов модел на финансирање (според методологијата per capita) и тоа заслужува одговор: да, не, можеби, ќе видиме… идат избори, не можеме сега да одговориме итн., ќе беше соодветната реакција. Ама молкот е најлошиот одоговор! Истото се случи и со барањата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија: штама! Ама сега ни велат дека политичкото раководство се загрижило за македонската наука!? Ма дајте, ве молам.
Но, да речеме дека и овој молк е продуктивен односно може да биде таков: може да ја остави културата прво самата да си ги расчисти работите. А така и треба. Што ќе рече дека прво филмските работници треба да се соочат со колегите од другите уметнички „сектори“ и да го разјаснат барањето за финансирање според методологијата „per capita“ зашто истата идеја може да се појави и кај театрите, на пример, кај музеите, кај визуелните уметници итн. Зошто филмот би бил нешто посебно? И што впрочем тоа би значело за македонската култура, во финансиски параметри? Или, ДЛУМ секако би морал прво да расчисти некои свои интерни „теми и дилеми“ – ако мисли дека ги има, а ги има, богами, и премногу – па потоа да бара да седне на „зелена маса“ со Министерството. Некои од дилемите се во нивна полза, некои (дури повеќето) се целосно ретроградни. ДЛУМ, на пример, би морал да проговори за сите оние „изложби“ во текот на годината, финансирани со буџетски пари, а коишто се целосна негација на поимот уметност. Па, ако баш сакате, и последниов нивни т.н. „Зимски салон“! Или, поправо, не само ДЛУМ туку целата македонска култура со децении инсистира државата – односно сите ние – целосно да ги финансираме нивните „творечки“ егзибиции како тоа да ни е некаква должност. Истото важи и за ДФРМ, од кого (се’ уште) се очекува издржана критичка анализа на резултатите од процесот на финансирањето на македонскиот филм во времето на заробената држава. Впрочем, ова се очекува(ше) од сите културни дејности, ама луѓето во културата очигледно не се подготвени за таков (само)критички дијалог. А без тоа ни општеството нема да застане на нивна страна! Не знам дали тоа им е јасно или не, ама можеби треба да помислат дали власта/политиката, со нејзиното игнорирање на нивните „барања“, им испраќа таква порака?
Понатаму, културата ќе мора дебело да размисли што во наши (македонски) услови би значел поимот одржлива култура и дали во наши (македонски) услови воопшто и може да се очекува државата да ги покрива баш сите трошоци во културата. Поточно, подготвена ли е македонската култура на жртви од типот на процентуално учество на државата во финансирањето на културните институции, потоа за сериозна критичка проценка на понудениот квалитет на програмите на институциите (особено националните), за ригорозна селекција во името на јавниот интерес во културата итн.? На пример, како би реагирала македонската култура ако на годишниот конкурс бидат прифатени само десет навистина квалитетни изложби финансирани со целосен побаран буџет? Или само пет филма во сите категории, исто така финансирани во полниот побаран износ? Па следствено и само десетина театарски претстави со максимален буџет, итн.? И, се разбира, со полна одговорност за квалитетот на изборот од страна на институциите/поединците, но и на селекторите? А што има(в)ме во праксата? Има(в)ме предложени „проекти“ со максималистички буџети, чиишто подносители веќе утре се задоволуваат и со само 10% од бараното! И тоа треба да го прифатиме како сериозно планирање и работење?
Ако културата не е подготвена да ги редефинира своите амбиции, ако не умее да предложи партнерство со државата, да расчисти со барабите во своите редови но и да инсистира на она што е објективен квалитет, тогаш некој друг, некогаш, ќе го направи тоа наместо неа. И тоа нема многу да ѝ се допадне, ама ќе биде неопходно!
Извор: Теодосиевски уметност