Референдумите не секогаш носат идеални и праведни одлуки. Често пати тие знаат да произведат внатрешни партиски кавги и кавги и дилеми меѓу граѓаните со негативни последици кои можат да наштетат на интересите на граѓаните и државата. Брегзит е типичен пример на еден референдум кој продуцираше далекусежни негативни ефекти врз британското општество, ретки во историјата на Обединетото Кралство. За економските и да не се зборува: секоја недела британската економија губи околу 600 милиони фунти затоа што процесот на преговарањето за излегувањето на земјата од ЕУ тече премногу бавно и на грб на нивната економија.
Нашиот референдум ја немаше таа цел на одлучување како британскиот. Граѓаните не беа повикани да одлучуваат туку да се консултираат (согласно член 8, точка 1 од Законот за референдум) што тие мислат за еден договор кој конечно треба да ја отстрани најглавната препрека на државата на патот кон ЕУ и НАТО, да исполни еден од Копенхашките политички критериуми за добрососедски односи, потоа сериозно да се посветиме кон исполнување на другите како што се разните реформи во правосудство, јакнење на капацитетите на јавната администрација, зајакнување на институциите на државата и др.
Тие што преку јазик на лажен патриотизам а со цел одбрана на корупцијата и тешкиот економски криминал на група нивни „слепи водачи“ на Радоје Домановиќ се обидуваат да најдат во Преспанскиот Договор некој таканаречен „капитулантски потег“ намерно грешат и се во функција на лошото, на ѓаволот: сакаат да ги спасат по секоја цена тие (и нивните содругари) кои со децении ги пљачкале граѓаните и економски ја рушиле државата! Главното прашање за тие што беа убедени од нивната политичка номенклатура да не гласаат на референдумот е дали може лицата кои од пари на странски задолжувања граделе нивни Ајфелови кули, краделе неограничено и немилосрдно и ја довеле државата до пропаст, масовно ги кршеле човековите права и слободи на нивните сограѓани, да се прогласаат себеси за чувари на народот и државата?!
Тие што со реториката на славните грчки филозофи сакаат да ги убедуваат граѓаните дека кога ќе дојдат на (слатката) власт ќе потпишуваат многу подобар договор со евентуално Мицотакис јуниор или не ја знаат историјата или сакаат народот да го претставуваат како сенилен. Сигурно е дека не знаат дека во Лисабонската декларација од 1993 год. стои клаузулата дека во името на новата држава не смее да стои зборот „Македонија“, сигурно дека не знаат дека таткото на Мицотакис јуниор сакаше да ја дели државата во соработка со Милошевиќ, не знаат дека слепите водачи на нивната партија имале можност да го решат проблемот но биле преокупирани со „поважни“ работи, нивниот висок до небо личен и фамилијарен стандард.
Кој кого сака да го убеди дека во Грција во иднина ќе се најдат политичари од калиброт на Ципрас и Коѕијас кои ќе демонстрираат јасна желба и определба за решавање на спорот; кој сака да го убеди народот дека од редовите на ВМРО-ДПМНЕ (партија која досега немаше државотворно ткиво!) во блиска иднина ќе се најде подобар политичар од Заев кој ќе гради подобри мостови на внатрешна кохезија и регионална мировна соработка силно поддржана од државниците на Запад; кој подобро од Димитров кој дваесет години со поддршка на сите влади, леви и десни, радикални или социјалдемократски, со семеен и личен патриотски бекраунд ќе преговара на поефикасен и попрофесионален начин за нивната идна спогодба?
Во Македонија е дојдено времето слично во Европа во 2005 год., кога после негативните референдуми во Холандија и во Франција, драфтот на Уставот на Европа не можеше да влезе во сила. Тогаш Европјаните прогласија време на размислување до 2007 год. за кое тие размислуваа, објаснуваа и дискутираа за Уставот кој потоа се претвори во Лисабонски договор.
Нашите политичари такво време веќе прогласија. Можеби десет дена е премалку, но важно е времето на право размислување.
Нашиот консултатитен референдум успешноста ја прикажува со повеќе од 600 илјадитите „про“ гласови. Познатиот политиколог Андре Лијпхарт во едно од неговите високоценети политички размислувања истакнал дека „…тие што излегуваат да гласаат одлучуваат и во името на тие што не гласаат“. Така е и сега. Правото на одлука го имале тие што гласале. И треба да се почитува.
И на крај да ги потсетиме идните „договарачи“ на Мицкоски. Солидарноста на граѓаните Албанци со граѓаните Македонци на штета на нивната евроатлантска перспектива (како што досега недвосмислено се покажа во пракса), нема да биде бесконечна и во иднина безусловна. Граѓаните поради ќеифот на една мала тешко корумпирана група политичари уште еднаш нема да дозволат враќање на дело на антиквизацијата со цена губење на евроатлантската перспектива на земјата.