Еве, избројав до десет, до сто, дури до илјада, и повторно мислам исто: „најпатриотската“ македонска партија треба конечно да престане да се резили низ „умот“ на нејзиниот шестокласен глумец и шеф за култура, ако тој им ги пишува оние ступидни соопштенија за предлозите на работната група за решавање на проблемот на музејот на македонскиот хорор. И не само за тој „проблем“, впрочем, туку за сите нивни „коментари“ и „мислења“ од областа на културата. Ако ги пишува односно измислува посочениот. Ако не е тој, нека кажат кој е. И нека му дадат шут карта, веднаш, зашто таков незнајко, таков глупандер одамна не сме слушнале/прочитале. И не како одговор на изнесените во јавноста глупости за мерките предложени од работната група, уште помалку што и мојата дребност била учесник во истата, ама јавноста – бидејќи нема можност да го прочита елаборатот, не знам зошто – има право на правилно и точно информирање. А она што го нудат реакциите и соопштенијата на „најпатриотската“ македонска партија е замена на тези, неуки флоскули, криење на ѓубрето под тепих – и ништо повеќе.
Зошто? Прво затоа што никако не може да стане збор за некаква „најбескрупулозна идеолошко-политичка пресметка со науката и современата научна мисла“ од страна на работната група зашто таа, работната група, не беше ни идеолошка ниту политичка туку беше стручна група формирана да предложи справување токму со најбескрупулозната идеолошко-политичка небулоза во македонската музеологија на една будалетинка и нејзините „научни“ следбеници, непозната, невидена во нашата современа историја! И оттука, ако тоа што таму е направено ја репрезентира македонската „наука и современа научна мисла“, тогаш и идеологот, и репрезентите, ама и овие кои денес ги бранат се, богами, зрели за сериозни дијагнози.
Сѐ само не музеј
Второ, можеби е точно дека „историската поставка во Музејот на македонската борба е создадена од четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти за XIX и XX век“. Велам – можеби. Зашто, прво, тоа што таму го гледаме е сè друго освен музеј, па следствено е и сè друго (циркус, театар, панаѓур?) освен музејска поставка. Понатаму, точно е дека тие имиња што ги среќаваме во документите се, за жал, универзитетски професори, но дали, и колку се еминентни треба да процени некој друг, а не политичка партија, па нека е „најпатриотска“. Ако пак посочените навистина се идентификуваат со таквите квалификации од страна на една политичка партија, тогаш и не заслужиле ништо подобро. Посочените, можеби, се и историчари, па и специјалисти за нешто, ама ни тоа не се гледа во музејската поставка зашто, повторно, тоа не е – музејска поставка односно таму музејска поставка нема! Тоа таму е само неука илустрација – лоша, болна, детска, малоумна – на една сулуда идеја на нивниот водач, којашто тие ја преточиле во збор, слика и восочни фигури!!!
И, понатаму, овде односно во тој т.н. музеј воопшто и не станува збор за историја, специјалност и слично, туку треба да станува збор за музејска поставка што би одговарала (барем малку!) на официјалното име на т.н. музеј и, секако, би одговарала на некои, барем некои, па нека се и провинциски стандарди во музеологијата. Ама, повторно, такво нешто таму – нема! Зошто? Бидејќи таму, уште еднаш, нема поставка, нема ни концепт на поставка – инаку ќе го сретневме некаде, напишан, образложен, онака како што бара законската регулатива – туку има една збирштина на глупости и „идеи“ како, според „мали груица“, би требало да изгледа некаква музејска поставка. И за тоа – толку. Но, ако оние, и онакви, наши „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“, заедно со онаа и онаква политичка партија навистина мислат дека направиле поставка што ја претставува современата македонска научна мисла, тогаш, извинете, повторно мислам дека е време за сериозни дијагнози.
Трето, дури и да е така, дури и тие „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ да направеле нешто – а направиле, се согласувам, ама „музеј на македонскиот хорор“, според сите музеолошки параметри – и згора на тоа нивната „поставка“ да ја потврдил и цел УКИМ (што не би ме зачудило), па и цел Институт за национална историја (уште помалку), а особено МАНУ (сигурно!), и иако ќе беше добро барем да ги прочитавме и имињата на тие незнајковци, нели, повторно тоа никако не ќе значеше ништо зашто меѓу сите тие (УКИМ, Институт, МАНУ) нема, тврдам – нема, ниту еден што знае што е тоа музејска поставка. А особено не „модерна, научно поткрепена и мултимедијална презентација на историјата на македонскиот народ …“, зашто во онаа збирштина наречена музеј, прво, нема ама баш ништо модерно (или нешто слично на тоа, без оглед што тупаците можат да подразбират под модерност), уште помалку има научна поткрепа (зашто, едноставно, не можете да ја видите), а најмалку има мултимедијалност. Или, за „стручњаците“, мултимедијалност се неколкуте екранчиња во „поставката“ и – восочните фигури? Ако е така, тогаш ние навистина сме дале придонес во дефиницијата за мултимедијалност и нејзината примена во современата музеологија! Честитки за „специјалистите“!!!
Четврто, кога шутракон од „најпатриотската“ партија – или кој и да е’ што му ги пишува „соопштенијата“, ама тој ги чита – говори за најпосетен музеј, со дури над 250.000 посетители, знае ли што говори? Зашто, тој самонаречен музеј можеби и има(л) толку посетители, ама шутракот (се) прашува ли: зошто? И знае ли дека сите основни училишта во Македонија, колку и да е мала, а велат дека тоа важи и за градинките (sic!), мораат барем еднаш во годината да го посетат „музејот“ бидејќи тоа им е во наставната програма? И ниту еден друг македонски музеј, туку токму тој, миленичето на налудничавиот фирер?! Во такви услови, јас би рекол дека и таа посета е мала, зашто очигледно дека некои умни училишта, или директори, или наставници, успеале да ескивираат од таа обврска, штитејќи го здравјето на децата кои им се доверени на воспитување и образование.
Ускратена стручна дебата
Петто, но не последно: точно е дека во „инкриминираната“ работна група има само еден историчар, за чии што квалитети и стручност (треба да) говорат други а не партиски шутраци. Ама и тој е вработен во музеј односно голем дел од работниот век поминал во музеј, а и останатите членови на групата се токму луѓе чија основна професија се – музеите. И сега, кој е покомпетентен за стандардите, за работата, за поставката на еден музеј: оние „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ кои во животот, тврдам, не виделе повеќе од два музеи, или оние од работната група на кои музеите им се професија? И како тоа може да го цени оној шутрак шестокласен глумец кој не знае ни што е театар, а камоли музеј, или пак некаква налудничава партија на чело со уште поналудничав фирер кои не влегле ниту во еден музеј, дури ни македонски?
И, што можат, господине шестокласен глумецу, да направат такви „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ кои немаат поим од музеј и музеологија, освен – да следат упатства на уште еден, поглуп и понестручен од нив, оној умисленион и самобендисан „лидеро-историчар“ и да направат трагикомедија на македонски начин? Зашто, повторно, да говоревме навистина за музеј, па нека е и лош, ќе говоревме со поинаков речник, со аргументи, со тези. Вака, говориме односно „дебатираме“ со неуки луѓе и глупави флоскули, со замена на тези (а и тие неаргументирани!), со нестручни и некомпетентни поединци. Ќе дебатиравме, можеби, за нивниот елаборат – што го нема, иако тоа таксативно им го бара Законот за музеи и што „стручњаците“ дебело го наплатиле – ќе говоревме за тоа што планирале ама што (не) оствариле! Впрочем, побарајте им го на оние „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ елаборатот за основање на музејот и – објавете го. Потоа побарајте го Елаборатот на работната група и објавете го, па нека цени јавноста! Тоа е вистинскиот начин, нели?
Или, ако навистина „најпатриотската“ партија има проблем со наодите во Елаборатот на работната група, нека побара барем малку стручни и компетентни поединци, барем малку пописмени од „глумецов“ или тој што му ги пишува соопштенијата, нека отвори сериозна јавна дебата и, еве, јас на невидено (и бесплатно) се пријавувам за учество, со кого и да е стручен и компетентен за музејската проблематика. Вака, целата партија испаѓа смешна – не дека ми е гајле и не дека им е првпат – ама и на јавноста и го ускратуваме правото на малку посериозна дебата. Ако навистина има потреба од неа, за што тврдам: нема. За жал, имаме само еден грозен објект, со уште погрозна, дури запрепастувачка „поставка“ – ретроградна, анахрона, нестручна, некомпетентна, нејасна, глупава, небезбедна … – направени за едно чудо пари од кои барем половината не се знае каде „отпатувале“, со лажни награди, лажни статистики, лажни посетители, лажни податоци … Таму, впрочем, сè е лажно, како и комисијата од „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ којашто зад себе оставила историски ќумез со елементи на хумореска, но никако и музеј, уште помалку стручни докази дека знаеле што и како работат. А прокнижиле на нивните сметки едно чудо пари! И наместо „најпатриотската“ партија од нив да бара отчет за украдените пари, таа на крајно недостоинствен, нестручен, лаички начин полемизира со еден сериозен, стручен Елаборат на компетентна работна група. Ако ништо повеќе, од него можат нешто и да научат. Барем малку, ако се способни за тоа.
Извор: Теодосиевски: За Уметноста