Време е за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во државата

Не ги споменав субвенциите, бидејќи лично сметам дека тие во јавноста имаат повеќе политичка, отколку економска вредност и значење, од една страна, и неготивно влијаат врз поттикнување на конкуретноста на бизнисот, од друга страна. Затоа, субвенциите во земјоделството не се единственото важно прашање за развојот на овој сектор. Напротив, има многу други значајни развојни, наместо тековни прашања и проблеми на кои треба да се посвети внимание во наредниот период!

706

Земјоделството (вклучувајќи ги и шумарството и рибарството) во вкупниот БДП учествува со околу 8.56%, согласно податоците за 2018 година, а заедно со делот од преработувачката индустрија кој се однесува на производството на прехранбени производи и пијалоци изнесува околу 11-13%. Ако на тоа се додаде и учеството на трговијата со земјоделско-преханбени производи, овој процент веројатно би се зголемил и до 14-18%.

Време е да зборуваме со бројки, а не со фрази! А податоците покажуваат дека земјоделско-прехранбениот сектор е повеќе од значаен за нашата држава. Ако на тоа се додадат и реалните можности за поголем придонес на оваа дејност во националната економија, кои се значително поголеми од прикажаните, јасно е дека постојат огромни потенцијали кои треба да се искористат.

Но, дали овој за сектор во државата се води соодветна грижа, во смисла на следење на современите трендови и можности за натамошен развој? Веројатно недоволно, затоа што податоците покажуваат дека расположивите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови (220 сончеви денови во годината). Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Потребни се ефективни земјишни политики, соодветно преструктуирање и модернизирање на земјоделското производство, но и разгледување на клучните развојни прашања кои треба да бидат приоритет во наредниот период.

Не ги споменав субвенциите, бидејќи лично сметам дека тие во јавноста имаат повеќе политичка, отколку економска вредност и значење, од една страна, и неготивно влијаат врз поттикнување на конкуретноста на бизнисот, од друга страна. Затоа, субвенциите во земјоделството не се единственото важно прашање за развојот на овој сектор. Напротив, има многу други значајни развојни, наместо тековни прашања и проблеми на кои треба да се посвети внимание во наредниот период!

Такви се, на пример, и прашањата поврзани со руралниот развој и т.н. „паметни села“; зачувувањето на диверзитетот на растителни генетски ресурси; агроеколошките мерки; грижата за традиционалните земјоделски производи; зајакнувањето на свеста за заштитените ознаки за потекло, заштитените географски ознаки и загарантираните традиционални специјалитети; развојот на производство на органски производи и Hi’teh во земјоделството. Овие прашања беа предмет на дискусија работната средба со г-дин Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, која ја организиравме изминатава недела во Комората, а која беше посветена на наведените најзначајни прашања од областа на агро секторот, кои се од развојна природа.

Следното значајно прашање е: Што е со мелиорацијата, арондацијата и комасацијата?

Несомнено е дека на земјава и е потребно зголемување на производната способност и унапредување на обработувањето на земјоделските површини, како ограничен и необновлив природен ресурс. Групирањето или окрупнувањето на земјоделскиот посед, со цел да се овозможи поефективна и порационална обработка и искористување на земјиштето, примена на современи агротехнички мерки при обработката, како и преземање низа мелиорациски и противерозиски мерки е нешто што е од огромна корист за натамошен развој на овој сектор. Бројките кои беа изнесени на работна средба покажуваат дека 70 милиони евра се наменети за мелиорација од фондовите на ЕУ, а уште најмалку толку за таа намена ќе се искористат од меѓународните финансиски институции под поволни кредитни услови.

Радуваат и бројките кои покажуваат целосна искористеност на ИПАРД програмата, што не беше случај претходните години, а дополнително на тоа за поздравување се претстојните измени на Законот за земјоделство и рурален развој, со кој ќе се воведе предфинансирање наменето за бизнис секторот, со цел фирмите кои имаат потпишано договор со Платежната агенција за мерките од ИПАРД, да имаат можност за предфинансирање на делот којшто не се финансира од ИПАРД, којшто државата ќе го дава во вид на заем без камата, а корисникот на мерката ќе треба да го врати во рок од 8 години.

Не помалку значајно е и прашањето до кога руралниот развој ќе се третира како нешто што не е во тренд, а на животот на село во земјава ќе се гледа во негативен контекст?

Во оваа држава недостасуваат економски одржливи рурални заедници кои ќе придонесат во развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари заснована на балансиран развој во сите региони и потребата да се обезбедат перспективи за раст на руралните области и села. Идејата за “паметни” села треба да биде вградена во пошироките национални равојни стратегии. На нашите рурални заедници им се потребни работни места, основни услуги, поврзување и паметни транспортни решенија, како и поволна клима за претприемништво што во овој момент ни изгледаат недостижни. Подобрата соработка на руралниот со урбаниот бизнис е императив за унапредување на агро-секторот и развивање на потенцијалите за натамошен напредок во оваа област.

 

(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...