Бура на коментари и експертски мислења покрена информацијата дека реализацијата на капиталните инвестиции за првите шест месеци од годината достигна само 16,6%, односно од предвидените 393 милиони евра за капитални инвестиции, реализирани се само 65,3 милиони евра.
Но потребно е фокусот на дискусијата да го насочиме малку пошироко – во контекст на една изрека на Jacob Lew, поранешниот државен секретар за финансии на САД во администрацијата на Обама, кој вели – Буџетот не е само збир на бројки, туку израз на нашите вредности и стремежи.
Па на што укажува структурата на буџетите на нашата држава во изминативе години? Така на пример, ако се погледне структурата на расходите во буџетот за 2018 година, 11,5 отсто отпаѓаат на плати и надоместоци, 18 отсто на набавката на стоки и услуги, 31,3 отсто на социјалните бенефиции, а 10,5 отсто на капитални расходи. Бројките не се нешто поразлични и ако ги споредиме со буџетот од пред 10 години – во буџетот од 2008 година (пред ребалансот), на плати и надоместоци отпаѓале 17,2 отсто, на стоки и услуги 13,9 отсто, на социјални бенефиции 39,5 отсто, а на капитални расходи 15,9 отсто. Значи нашите приоритети отсекогаш биле социјалните трансфери и платите на државната администрација.
И покрај тоа, стапката на реализација на капиталните инвестиции никогаш ја нема надминато магичната граница од 85 отсто од планираните (иако е спорно и дали сé што се евидентира како реализирана капитална инвестиција тоа и навистина е, но за тоа во друга прилика). Нивната реализација нормално не зависи само од едно место – а разбирливо е дека можеби овластените функционери надлежни за спроведувањето на овие капитални проекти нерадо пристапуваат кон трошењето на овие средства, имајќи ја предвид јавната преосетливост околу трошењата од државната каса.
Затоа, не инсистирам да се забрза реализацијата на капиталните инвестиции – тоа веќе се подразбира. Но секако инсистирам да видиме нивно реално спроведување, и приказ дека вредностите и стремежите на оваа држава вклучуваат и реализација на капитални вложувања, во кое и да биде поле.
п.с. Што остана од ЦЕФТА? Запустено предворје на ЕУ во кое секој си прави што сака. И после не нѐ бидува. Далеку е ЕУ од нас. А најдалеку од Косово.