Време е за поставување темели на нов законодавен систем

713

Една латинска максима вели – Corruptissima re publica plurimae leges, или во слободен превод – колку е покорумпирана државата, толку повеќе закони има. За корумпираноста во државата и неефикасноста на јавната администрација веќе доволно се зборуваше (иако конкретни резултати сé уште чекаме да видиме на дело), но, за жал, никој не го покренува прашањето на преголемата регулираност која ја имаме во системот во моментов. А таа е голема – можеби и повеќе од што обичен стопанственик може да замисли.

Во моментов, во Македонија имаме во примена речиси 1.400 законски прописи – кои понатаму се доработувани со илјадници правилници, упатства, одлуки…. Да не зборуваме за тоа дека речиси и да нема закон кој не е менуван по неколку пати, а имаме и рекордери како Законот за градење или Законот за работните односи, кои се менувани по повеќе од дваесетина пати.

Замислете го сега ангажманот што треба една компанија да го вложи, за да го усогласи своето работење со сите овие прописи, кои, патем, неретко се во колизија и самите помеѓу себе. Ова е проблем и за големите компании кои имаат цели правни служби, а уште повеќе и за малите компании со десетина или помалку вработени.

Затоа, итно ни е потребна дерегулација. Ајде да го поедноставиме правниот систем, да го намалиме бројот на прописи, да ги тргнеме спротивставеностите за исто прашање во различни закони – процесот нема да биде ниту лесен, ниту брз, но ако сакаме бизнисот да преживее, ќе мора да се постават темелите на нов законодавен систем што побрзо. А процесот на скрининг за пристапните преговори со Европската унија што почнува оваа недела е добра прилика за ова!

Авторот е претседател на Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...