Полека но сигурно, даночните прашања легнуваат на маса. Но види чудо – неданочните и парафискалните давачки не се дел од менито. Непишаното правило вели дека во земјите со рамен данок, висината на овие (дополнителни) неданочни и парафискални давачки експоненцијално расте – а случајот на Република Македонија е неспорна потврда за тоа.
Во Стопанската комора на Македонија уште во 2013 година започнавме истражување со цел да се добие целосна слика за вкупното оптоварување на бизнисите со вакви дополнителни давачки, но буџетските податоци од Министерството за финансии ги добивме дури на почетокот на оваа година – а тие покажуваат дека ова оптоварување е сериозно големо.
Во 2016 година, по основ на неданочни и парафискални давачки во буџетот се наплатени над 251,5 милиони евра – колку за споредба, истата година по основ на персоналниот данок на доход наплатени се 230 милиони евра, а по основ на данок на добивка 175 милиони евра. А морам да потенцирам дека тоа е само износот кој е уплатен на буџетските сметки – никој нема евиденција за средствата кои се плаќаат на сметките во комерцијалните банки на различните агенции, регулаторни тела и управи.
Затоа, време е да речеме – доста е! Зголемувањето на конкурентноста бара немилосрдност, и крајно време е за гилотина на овие дополнителни давачки. Ако се промовираме како држава која има рамни даноци, вкупните давачки кон јавниот сектор треба да останат само во рамките на даноците – ако не, дајте да видиме што сé, по која основа и на кого компаниите се должни да плаќаат давачки, да ја процениме оправданоста и целисходноста од постоењето и воведувањето на одредени надоместоци и давачки, да ја усогласиме висината на давачките. Затоа што овие дополнителни давачки и нивната непредвидливост ја уништуваат и онака кревката конкурентност на македонското стопанство – а тоа не смееме да си го дозволиме.