Референдумот е сѐ поблиску. Ќе победи ли инаетот на ВМРО или ќе успее да „искубе“, ако не за сите туку за „главните“, амнестија. Ќе судат ли судиите, како досега по „старо“ и по порачка, или Владата и СДСМ ќе си останат цврсто на зборот: „Нема амнестија за криминалци и терористи!“.
Времето за референдумот брзо-брзо се наближува. Тоа го знаат и СДСМ и ВМРО. Ќе излезат ли гласачите да го дадат своето „да“ или своето „не“. Ќе дадат ли виза Македонија да биде триесетта членка на НАТО и да ѝ се отвори вратата на ЕУ или пак ќе кажат „не“ и засекогаш ќе ѝ ја „запечатат“ судбината на својата земја да остане сама, далеку од сите, со проблеми и без ниту една светла точка кон подобра иднина.
ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозиција ќе продолжи ли и понатаму да тактизира, да бара, ако може нешто за кое и самата знае дека е против сите закони, или машки ќе каже дека нема да го бојкотира референдумот. А ако е, како што нејзините челници велат, за НАТО и ЕУ, дали тогаш ќе излезат на референдумот и ќе го дадат својот глас? Се разбира за доброто на Македонија.
ВМРО сѐ уште е „вудве“. Дел нејзини членови отворено велат дека иднината на Македонија е во НАТО и во европската заедница, но, не е мал бројот и на оние кои и понатаму „трубат“ дека доколку се прифати референдумот и доколку се смени името во Република Северна Македонија ќе го изгубиме и името и идентитетот и јазикот.
Како до нив да не допираат кажувањата на првите луѓе на Германија, Австрија, Англија, Франција, Америка и многу други земји дека овој референдум за Македонија значи да ја биде или да не ја биде. Тие се прават глуви на тие кажувања. Во прашање е инаетот. Или „цврстото“ извршување на наредбите на нивните челници. Така им рекле и готово. Ништо друго не е. Особено ги боли тоа што нивниот Груевски, за десет години, не успеа да ѝ обезбеди светла иднина на Македонија туку сега некој си Заев, „црпнат“ од „Моноспитовското блато“, за една година, да го направи тоа. Е тоа ги боли, а се разбира и амнестијата е во прашање.
А немал број од ВМРО, пак, велат: „ВМРО од секогаш било за доброто на Македонија. И во најтешките времиња останал верен на својот народ и Татковината. И сега, во овие судбоносни денови, ВМРО повторно ќе биде за Македонија. Веруваме дека разумот ќе победи!“.
Одржувањето на референдумот наближува. И со ВМРО и без ВМРО тој ќе се одржи. Но лошото е зашто се делиме? Зошто Македонец да е против Македонец? Зошто не сме еднаш заедно? Зошто еднаш не им покажеме на сите дека и ние знаеме и можеме да бидеме единствени! Зошто? Доста ни се делби! Време е да победи разумот!