Времето отчукува за спасување на тајландските деца

- Бевме во трка со времето пред да ги најдеме, сега сме во трка со водата - кажа регионалниот гувернер Наронгсак Осотханакорн.

559

Спасувачките екипи се во интензивна трка со времето за извлекување на дванаесетте деца фудбалери и нивниот тренер, кои се загубија и останаа заглавени во комплекс од пештери и канали во Тајланд. Тие беа пронајдени во понеделникот, по девет дена во поплавената пештера.

Временската прогноза вели дека за два-три дена повторно ќе почне да врне дожд.

– Бевме во трка со времето пред да ги најдеме, сега сме во трка со водата – кажа регионалниот гувернер Наронгсак Осотханакорн.

– Мораме да ги спасиме децата. Мораме да се надеваме. Нивото на водата постојано расте, бидејќи врне дожд. Мислам дека во наредните 24 часа ќе знаеме дали ќе преживеат. Сите мораме да се молиме и да се надеваме на најдоброто – предупреди и британскиот истражувач и експерт за пештери Верн Ансворт, кој ги советува учесниците на меѓународната спасувачка операција во Тајланд.

Со несреќната фудбалска екипа постојано се наоѓаат медицински лица, им се доставува храна и лекови, а спасувачи специјалци има и од Тајланд и од странство.

Спасувачите се обидуваат да смислат најдобар начин како безбедно да ја извлечат групата на површина, а екипите на теренот порачаа дека се доста сигурни дека успеале да запрат понатамошен дотек на вода во пештерската комора каде што се наоѓа групата. Спасувачките тимови исто така се обидуваат да инсталираат телефонска линија за да може заглавените лица да контактираат со своите семејства. Надвор од пештерата, медицинските екипи организираат вежби и проби, доколку групата наскоро биде извлечена на површината.

Младите момчиња и тренерот најверојатно влегле во пештерата во северната тајландска провинција Чианг Раи, кога таа била сува, а ненадејните поројни дождови ги заглавиле тесните премини со кал и ѓубре, блокирајќи ги видливоста и пристапот.

Децата конечно беа пронајдени од двајца британски нуркачи спасувачи доцна вечерта во понеделникот, дури девет дена откако влегоа во пештерата. Групата била скриена на повисока карпа, на околу четири километри од влезот на комплексот.

ФОТО: CNN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...