Освен кадровските решенија за комплетирање на техничката влада, владејачкиот СДСМ на вечерашните состаноците на Извршниот и на Централниот одбор на партијата, ќе ја анализира и досегашната коалиција со ДУИ.
Премиерот Зоран Заев, на прес-конференција во владата, рече дека ќе се разговара за коалицијата, бидејќи ниту се повлечени амандманите на Изборниот законик, ниту нешто се случило и тоа, според него, е лоша порака од партнерот.
„Таа анализа е отворена на сите работни состаноци. Верувам дека денеска на високата политичка координација на Извршниот и на Централниот одбор ќе направиме анализа на коалицискиот аспект на дејствување и на евентуалното продолжување или непродолжување на коалицијата. Ќе направиме анализа на нашите следни чекори така што до крајот на годината ќе направиме сеопфатен осврт. Верувам дека покрај кадровските одлуки што ќе ги донесеме, ќе изградиме и значајни стратегиски аспекти кои ќе им ги соопштиме на граѓаните“, истакна Заев.
СДСМ и ДУИ, кои се во коалиција од средината на 2017 година, се разминаа неодамна кога партијата на Али Ахмети поднесе илјадници амандмани на предлозите за измена на Изборниот законик. Со тоа се блокира собраниската процедура за воведување една изборна единица за престојните избори за пратеници, како и за отворени листи за локални избори, како концепти зад кои застана и СДСМ, иако беа предложени од помалите парламентарни партии. Од друга страна, и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се приклучи кон амандманската блокада на измените во Изборниот законик.
Партнерите во владата, деновиве, настапуваат и со разлини стојалишта за тоа како треба да се постапи во однос на забелешките на Венецијанската комисија за Законот за јазици, чие донесување беше дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.