Врвни превари!

3989

Додека вистината ги врзува чевлите, лага ја обиколува светот – вели Charlles Spurgeon. Искажувањата на овдешната опозиција дека ќе го сменеле Преспaнскиот договор кога ќе дојдат на власт се приказни за мали дeца кои немаат право на глас.

Ќе сменеле со помош на тивки „реверзибилни историски процеси“! Таквите договори се долгорочни и скоро непроменливи. На пример, воспоставениот неутрален статус на Австрија трае повеќе од 60 години и никому не паѓа на памет да го ревидира; статусот на Гибралтар (проблем меѓу Шпанија и Британија) трае со векови; спогодбата за Хонгконг (меѓу Кина и Британија) трае веќе 23 години; за Малвинските острови (меѓу Британија и Аргентина) со векови. Дури и спорниот Дејтонски договор трае веќе 23 години. Меѓународната заедница е многу чувствителна кога е во прашање преиспитување на веќе воспоставеното балансирано решение. Оттука, огромна лага е кога се вели дека кога ќе дојдат на власт нешто ќе смениме.

Со таков ум, ВМРО со години ги уриваше државните меѓународни позиции по тоа прашање, по што настрадаа интерционите процеси, развојот па и безбедноста. Сега посрамени честитат за НАТО со додавка дека „остана чувство на горчина и понижување“. А по прв пат се направи нешто државнички.

Голема превара!

Светот е полн со превари. На пример, Карлос Каисер во осумдесеттите години од минатиот век, дваесет години се продаваше за популарен бразилски фудбалски напаѓач, иако никогаш не постигнал гол, а не бил ни фудбалер. Тоа се смета за превара на векот.

А не сме и ние далеку со нашите превари особено во судството, иако рака на срце ние имаме ептен плодна почва за одгледување превари во сите области. Тука авторите на преварите и не се кријат, дури се фалат за нивниот талент на производство превари.

Тука предничи Врховниот тефтер суд, со врвни превари. А за чудо главната судска „Превара“ е дел од реформирањето на судстото, оти најдобро знае како да се реформира тоа што со години го деформирал. Овие судии, читајќи ги законите каде што ѓаволот им ги прелистувал страниците, успешно осудуваа невини, а штитеа криминалци. И сега измислуваат начелни правни мислења, за да продолжат да ги штитат разните „Талири“ и „Империи“, за да ја спасат вмровската бела палата изградени со црни пари. И сега Преварата си вели – „Рокот на СЈО е истечен“! Па истечен е, оти неговиот рок за чудо никако да истече! И за брука, сеуште молчи парламентот, иако Преварата им влегол во изворните надлежности. Ај власта е поделена по прашањето што понатаму со СЈО, ама чудната опозиција си пука во нога кога одмазднички за атер на Груевски молчи. А тука е логиката – „Ние го јадевме од СЈО, сега сте вие на ред“.

Факт е дека на некои судии внатре во Врховниот суд местото им е во некое друго „внатре“. Бројни од нив се избрани по тефтер критериуми, како заслуга за климање со глава, сопружичка или роднинска врска или ветување заташкување за мега-превари. Ако се копа по нечие минато таму, ќе нидеме на дебели црни досиеја. Не можеш да ги отераш по ѓаволите оти од таму се дојдени. Како поинаку кога имаме ангажирани илјадници луѓе (наводно професионалци), по судовите, по јавни обвинителства и бројни разни тела.

Само кај нас може да се случи на ваков груб начин судот да се бори против правдата!Во секоја симболична куќа на правдата, кога имаме тешки кривични дела, елементарен резон е императивното процесуирање. А кај нас токму врховните „превари“ ни играат ќибриташки. Дури охрабрени, пак се навраќаат на доказната моќ на „бомбите“. Во еден елемтарно функционален правосуден систем, таквите групни превари веднаш би завршиле на овчарски стап. А за понатамошниот статус на СЈО треба да се изнајде практично решение ако веќе е проблем двотретинското во парламентот. Тука многу чудно игра и опозицијата која дејствува одмаздувачки, наместо да се води по логиката – „досега ние го јадевме, сега на вас е редот“. И реално СЈО, во последно време со своите „грешки“ добро ги награди едни осудени или обвинети од минатата власт.

Тешка задача!

Колосалните успеси на власта на меѓународен план, нема многу да држат кондиција ако не се нафатиме со сите потенцијали кон општиот развој. Треба сериозно да се фати некој за камшикот. Во бројни министерства и други институции не се работи како што треба. Луѓето за економски развој се фалат со Потемкинови села или ги тресат застанатите вагони на Сталин. Нема доволно крв за суштински старт за економски развој. Масовно децата ни бегаат оттука, како од чума и создаваат беља. Државата се празни од паметни и многу фирми остануваат без работници. Така што лесно може да ни се случи да имаме сигурна држава со несигурни луѓе. Реална држава со фантоми луѓе. Но, и тогаш партиските пропагатори ќе знаат да се фалат дека – децата ни се најголемо богатство, затоа масовно ни ги купуваат надвор!

Не смееме да бидеме јаки маратонци, а слаби на сто метри Факт дека имаме ептен слаб институционален капацитет, содаден од потпросечни партијаши. Само кај нас е можно да станете министер, а да не знаете да го напишете или изговорите своето име без грешка.

Полни сме со директорчиња чиј единствен капацитет им е желбата да станат тоа. И да не се чудиме што сега попопуларни се едни погребални организации отколку едни политички партии. Мора под итно да почнеме со меритокрацијата за да не си случи тоталната експортација. Оти лесно може и железните опинци да ни зарѓаат. Нема многу да ни помогне ни „Блубеј асет менаџмент“, ни „Трејдвеб“. Во политиката е слично како во војната. И да имаш сто победи, само еден пораз ја одлучува судбината. И како што вели Махатма Ганди – највисок суд е судот на совеста.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...