Враќање на „дил ориентид“ политиката?

Сега да видиме што иднина го чека Заев. Тој тргнува по стапките на својата партија од втората половина на деведесеттите кога се исчистија дузина видни, професорски и интелектуални имиња од партијата, за сметка на вештите партиски момчиња за правење бизниси.

4018

Сума-сумарум, кога сè ќе се помножи, подели, собере и извади, јунската „метла“ се сведе на кадровско елиминирање на професорот Тевдовски. Со оглед на обемот, можеше да се помине и со четкичка за заби, иако немаше да се дигне толку прав и провев од вакво силно мавтање со метлата.

Ова, по дефиниција, е тресење на гората за да се роди глувче.

Да имавме во собраниските клупи опозиција со политички кредибилитет, лошата претстава на премиерот Заев ќе поминеше со автентични свирежи од публиката. Вака, сè се сведува на: „Нашол кој да каже!“

И навистина е така, бидејќи, ако се сеќавате, своевремено, во јули 2009 година, смената на министерот за финансии Трајко Славески, тогашниот премиер Груевски ја направи од речиси идентични причини како сега Заев со Тевдовски: и двајцата се доживуваа како политички крути и принципиелни универзитетски професори кои ги кочат амбициозните политички агенди на своите партиски лидери, главно врзани за желбата власта послободно и побрзо да троши многу повеќе јавни пари. (Дури не е ни важно дали и колку еден министер за финансии е, навистина, секогаш виновен за трошењето на парите во другите владини ресори…)

Но, би се осмелил да тврдам дека, да го задржеше Славески за министер за финансии, наместо што го замени со финансискиот „генијалец“ Ставревски, Груевски сигурно ќе постигнеше помалку спектакуларни „дил ориентид“ резултати, но веројатно ќе шеташе на слобода, а сепак доволно богат за да не мора да се грижи за иднината на своите внуци. Ама пуста политичка мегаломанија, помешана со голема алчност!

Сега да видиме што иднина го чека Заев. Тој тргнува по стапките на својата партија од втората половина на деведесеттите кога се исчистија дузина видни, професорски и интелектуални имиња од партијата, за сметка на вештите партиски момчиња за правење бизниси. Како што е познато, во 1998 година СДСМ беше тешко поразена на изборите токму врз антикриминалната платформа на ветувачкиот национал-конзервативец Љубчо Георгиевски… Што стана подоцна со Љубчо, е друга приказна.

Фактот дека министерот за транспорт Сугарески, после долгите разговори со Заев, ја преживеа „метлата“, мене ми говори дека тој наскоро може да почне да заличува на својот прилепски сограѓанин Миле Јанакиески. Ќе се бараат брзи резултати во капиталните инвестиции, без премногу непотребни прашања, со сите замисливи и незамисливи законски „сечења на свиоците“ што може да ги направи еден агилен министер, под притисок да испорача.

Добро, секако не е сè исто како со Груевски, а богами ни слично…

На пример, повеќето медиуми се толку излезени од контролата на владејачката партија, што СДСМ и Заев, на крајот, медиумското прибежиште ќе мораат да си го побараат кај истите еден-двајца тајкуни кои склопија феноменален политичко-медиумски „брак од интерес“ и со Груевски. Но, знаеме дека таа историја, ако пак ни чукне на врата, ќе се повтори како фарса, а не како првокласна драма.

Потоа, тајните служби… Не само што на хоризонтот не се гледа ни приближно нов Мијалков, туку со процесот на востановување на новата Агенција за национална безбедност постои опасност за „излевање“ на разузнавачкиот непрофесионализам повеќе по Заев, одошто по опозицијата и граѓанскиот сектор. Бидејќи, за очекување е дека многу обучени професионалци за правење и за разоткривање разни смутови, со новиот кадровски ветинг ќе останат без работа. Еден Господ знае ним со што сè им е полна главата!

А ќе треба да видиме и што мустра ќе се погоди новата американска амбасадорка… Оти другиве дипломати ги апсолвиравме.

Конечно, памтиме како, на времето, Груевски им доцнеше по еден час на бизнисмените собрани во „Александар палас“ и како, додека овие посрамени си гледаа во сопствените препони, им држеше долги лекции за бизнис и економија инспириран од својот просек на оценка 7 од Економскиот факултет во Прилеп. Заев бездруго ја нема таа ароганција, иако во годината што следи ќе биде во потрага по љубов и разбирање од бизнисмените и работодавачите, бидејќи освен во економијата, тешко ќе ја најде во другите, политички уморни или разочарани сектори во општеството.

Како што испеал поетот: „Пари, пари, пари, мора да е забавно во светот на богатите!“… Теоријата е: ако има за нив, ќе има за сите. Се бараат „дуинг бизнис“ доброволци. Успех загарантиран!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...