Нема согласност помеѓу власта и опозицијата пратениците на кои им е одземен имунитетот да може да го вратат, брифираат за Плусинфо собраниски извори. Ова барање го отворила опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамките на процесот „Жан Моне“ и според информациите, владејачката СДСМ е против ваквата можност, односно нивниот став е ова прашање да остане како што е уредено.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ било да се разгледа главата од собранискиот Деловник која се однесува на одземањето на имунитетот на пратениците, за како што велат, да нема натамошна „злуопотреба“ на процесот. Според ВМРО-ДПМНЕ, можноста за враќање на имунитетот на пратениците е да биде во рамките на Уставот. Интервенцијата не би задирала во судската постапка, туку во процесниот дел, односно според објаснувањето, пратеникот да може да учествува во работата на Собранието. Ова најмногу ќе се одрази во случаите каде поради судски процес пратеници завршуваат во притвор.
Во изминативе две години поради судски постапки неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ останаа без имунитет. Ова, според опозицијата, го нарушува угледот на Собранието, а 100.000 гласачи кои гласале за тие пратеници немаат свои репрезенти во парламентот.
Меѓу пратениците на кои им беше одземен имунитетот се Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски, додека на Трајко Вељаноски Собранието не му го одзеде имунитетот иако собраниската комисија го препорача тоа.
Според член 64 од Уставот, пратениците уживаат имунитет. Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.
Според опозициски извори, поентата е да може да се наметне имунитет на пратеник дури и кога тој не се повикува на имунитетот. Во таков случај Собранието да може да го активира имунитетот, односно како Собрание да застане во заштита на имунитетот на пратеникот.
Освен за враќање на имунитетот, разидувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има и за барањето на опозицијата да се интервенира во делот на законите кои се носат по скратена постапка и законите кои се европско знаменце.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, не се согласува со барањето на власта да се ограничи дискусијата на пратениците најмногу на три дена за сите закони.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера во рамките на втората рунда разговори од процесот „Жан Моне“, во која фокусот беше Деловникот на Собранието, рече дека е постигната согласност за финансиската независност на парламентот, за обезбедувањето и прашања што се однесуваат на собраниската служба, потоа за надзорната улога на Собранието и за начинот на организирање надзорни расправи.
– Тоа е дел од работата околу ограничувањето на времетраењето на дискусиите за да се има предвидливост на почетокот и крајот на дебатата по определена точка и седница. Има дел од начинот на избор на генерален секретар, заменици на генерален секретар, потоа има дел околу работите по однос на имунитетот и реституцијата на имунитет во смисла на начинот на одземањето и гласањето за тоа и можноста да се врати имунитетот, како и дел околу скратените постапки. Значи, тоа се работи што може да ги третираме, но ги оставивме отворени за да можеме да допрецизираме одредени дилеми што се искажаа како резултат на дебатата во смисла на она што ќе биде конечната одлука, односно конечно решение за подоцнежно практично спроведување на работите што ќе ги третира Деловникот – рече Џафери на прашање кои се темите за кои сѐ уште нема договор.
Според најавите на опозицијата, расправата за отворените прашања треба да продолжи во почетокот на јули.