ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“ Скопје, уверува дека е безбеден за пациентите и дека нема опасност од зараза со МРСА иако еден вработен e заболен од таа бактерија.
„Во врска со објавената вест дека во Стоматолошките клиники е откриена бактерија МРСА, ја информираме јавноста дека кај еден од вработените е најдена оваа бактерија, но со целосна одговорност ја уверуваме јавноста дека нема место за страв кај пациентите.
Состојбата е под контрола, преземени се сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Само кај еден вработен е потврдено присуство на бактеријата, но тој е изолиран и не доаѓа на работа“, соопшти Клиниката.
Превентивно, направена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории.
„Иако кај ниту еден од останатите вработени нема сомнителни симптоми, превентивно по итна постапка во текот на денешниот ден (30.01.2019 година) се закажани термини за санитарен преглед на сите вработени во просториите на клиниката“, наведуваат од Клиниката.
Клиниката апелира до јавноста дека нема потреба од паника, ниту било каков сонмеж за сигурно и квалитетно давање на стоматолошките здравствени услуги на пациентите.