Инженерот Сашо Трајковски, кој е вработен во УБК, во неговото денешно сведочење за случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“ зборуваше и за уништување на опремата од Петатта управа чиј началник беше бегалецот Горан Грујевски кој е еден од обвинетите во предметот.
Сведокот бил поставен за претседател на комисијата за ништење и кажа дека ништењето на опрема и документи се правела во два наврати.
– Ништењето не се случи ниту по иницијатива на вработените ниту на членовите на комисијата. Јас лично не сум учествал во ниеден момент на изготвување на решението пред формирањето на комисија за ништење. Претходно на средба со началникот Грујевски, откако изби аферата со прислушувањето, ни беше кажано дека ќе ја спакуваме опремата со документи и ќе се ништи два пати. Јас и заменик претседстелот на комисијата за попис и ништење бевме викнати на состанок, ни беше кажано од Грујевски дека има опрема во фирма која ќе ја исецка опремата што е за ништење прво во парчиња од 5 сантиметри и дека тие парчиња повторно ќе се носат на ништење во друга фирма и оти таму опремата ќе биде исецкана на уште помали парчиња – раскажа сведокот.
Откако Геујевски им кажал дека ќе се ништи опрема, потоа им стигнало и решение потпишано од тогашната министерка Гордана Јанкулоска.
На 27 март 2015 година добиле наредба да ја исклучат опремата на „Најс“ системот и да ја извадат во ходникот, а на 28 март 2015 година се случило првото ништење, а второто на 3 април. Покрај „Најс“, рече Трајковски, се ништела и опрема од стариот систем „Веринт“ за кој претходно во февруари, вработени во УБК добиле наредба да го расклопат и однесат во гаража. Се ништела и друга поситна опрема. За ништењето, рече тој, постапувале како што пишувало во решението и како што им кажал Грујевски.
Трајовски е третиот сведок во овој случај, пред него сведочеа двајцата свиркачи од УБК, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.
Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски кој му беше шеф на кабинет, Горан Грујевски – поранешен началник на Петатта управа и Никола Бошковски – ексразузнавач, како и Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Повеќе од денешното рошиште:
- Сведок од УБК тврди до системот за прислушување се пристапувало и од поранешниот аеро-клуб, а во план бил и пристап од Пештани
-
Сведок од УБК: Мијалков и Грујевски имаа компјутери поврзани со системот за прислушување