Вработен во Службата за општи и заеднички работи во Владата на позицијата самостоен референт-организатор за услуги со фиксната и мобилната телефонија, дал на користење девет СИМ картички на непознати лица.
Тој доби кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања и според пријавата од МВР го отетил буџетот на СОЗР за 2.079.471 денари.
– Во временскиот период мај 2012 до август 2017 година, на непознати лица тој дал на користење девет СИМ картички, сопственост на СОЗР, без притоа да подготви и потпише реверси за задолжување со податоци и потписи на лицата, како и своерачно потпишани изјави од истите со кои се согласуваат во случај на пречекорување на ограничувањето на сметките за користење на телефонските броеви, разликата од утврденото ограничување и висината на сметката да им биде задржана од месечната плата – наведуваат од МВР.
Понатаму, наведуваат од полицијата, фактурите од Македонски телеком пристигнале за наплата на побарувањата по основ на остварените мобилни услуги за 9-те телефонски броеви, пријавениот како овластено лице задолжен да врши контрола и проверка на сметките на корисниците на службени мобилни телефони, иако знаел дека телефонските броеви ги користат лица на кои што не им следуваат телефонски броеви и нема изработени и потпишани реверси, своерачно се потпишал и ставил печат дека е извршена контрола и дека нема забелешки.