Кампот на Реал Мадрид Клиник денеска стартуваше во Штип. Еден од тренерите на Реал, Карлос Касиљас, деновиве во Штип, Кавадарци и Скопје ќе обучува нашите тренери и идни фудбалери за техниките на шпанскиот фудбал.
-Чест ни е да ја научиме методологијата на шпанскиот фудбал, тука е шпанскиот тренер Карлос, кој ќе не научи, пред се нас тренерите, а и самите деца, на нивниот начин на игра. Кампот ќе трае од 17-ти до 21-ви јуни овде на Градскиот стадион во Штип, има различни возрасти на дечиња, од седум до 17 години, и ги опфаќа сите клубови овде во Источниот регион, вели Борче Постолов, тренер на ФК Академија „Постолов Пандев“.
Кампот на Реал Мадрид во Штип го донесе сопственикот на ФК Кит-Го Пехчево, Кирил Гогов.
–Фондацијата Реал Мадрид Клиник е всушност проект кој служи за соработка со фудбалски клубови од Македонија. Ова е прва година, се надевам дека соработката ќе продолжи со господинот Кирил Гогов и дека од наредната година сите тренери кои што ќе бидат вклучени на кампот во Штип, дека ќе добијат и семинар во Мадрид, вели Влатко Тодев, Еуроспорт Арена – официјален партнер на Реал Мадрид.
За идните професионални фудбалери, кампот е одлична прилика за напредок.
Веќе на 21-ви јуни, во петок, кампот во Штип ќе биде комплетиран, по што тренерот ќе селектира двајца најдобри млади фудбалери, кои ќе заминат во шпанската престолнина на дополнителна обука од врвните тренери на шпанскиот фудбал.