– Очекуваме веќе следната недела во Шпанија формално да почне процесот на ратификација на Протоколот за членство на С. Македонија во НАТО. Откако беше завршен изборот на шпанската Влада, се отворија вратите овој процес да започне и се надеваме да заврши за неколку недели – изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа нагласи дека процесите на ратификација во оваа држава не се брзи, изразувајќи очекување за силна поддршка од страна на шпанските институции.
– Ако ги погледнете економските показатели во текот на изминатите година, година и половина, ќе видите дека освен огромниот пораст на странски директни инвестиции и пораст на број на вработени, дека и нашата берза покажува колку членството во НАТО дава замаец во економијата. Сакаме ова да продолжи. Кога ги видовме оваа година и бројките на зголемување на туристи во државата, заедно со овие движења на берзата, видовме дека навистина нашата политичка инвестиција носи и економски бенефит – истакна Шекеринска.
Шпанија е единствената членка на НАТО која досега, поради внатрешно-политичките превирања, не стигна да го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Другите 28 земји-членки тоа го сторија до крајот на минатата година. Македонскиот парламент треба последен да го ратификува Протоколот, по што нашата земја ќе стане 30. членка на Алијансата.
Прашање е дали процедурите во парламентот во Мадрид ќе завршат до почетокот на февруари, со оглед на тоа што за 12 февруари е најавено распуштање на македонското Собрание. Ако шпанските власти ја забрзаат постапката, можно е овој пратенички состав во Скопје „регуларно’ да го ратификува Протоколот за членство на земјава во НАТО. Другата варијанта е Протоколот да се ратификува со одложено дејство.