Седумина обвинети за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април во Собранието во петок ќе ги слушнат пресудите од судечкиот совет во Кривичниот суд во Скопје.
На денешното рочиште обвинителството и адвокатите ги кажаа нивните завршни зборови. Обвинителот Дарко Јакимовски побара осудителна пресуда за Сите, тој Ги наведуваше дејствијата кои ги преземале обвинетите, потсети на видео снимките и исказите на сведоците, кои според него докажуваат дека обвинетите треба да се осудат за делото.
Адвокатите, пак, побараа ослободителни пресуди за сите. Според нив, нема елементи за конкретното дело – убиство во обид, нема конкретни докази и од видео снимките не се докажува дека нивните клиенти му нанеле удари на Села кои може да имаат смртни последици.
Во овој случај, првично беа обвинети десетмина, но обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.
За двајца, Стојан Павлески и Цео Горгиевски, пак, направи преквалификација од обид за убиство во насилство, по што судот ја раздвои постапката за нив. По преквалификацијата, двајцата признаа вина, а судечкиот совет ги осуди на затворски казни од една година и два месеци по Цео Горгиевски и три години по Стојан Павлески.
По ваквиот расплет, на обвинителна клупа за обид за убиство останаа Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.