Во Фондот за иновации аплицирале 236 компании, пари добиле 80

Би сакале да потенцираме дека Фондот ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа. Компаниите се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив, велат од Фондот.

484

Фондот за иновации и технолошки развој тврди дека процедурата по која е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата на РМ е целосно транспарентна.

„Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно.  Како и досега остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста“, се вели во денешното соопштение од Фондот за иновации.

Оттаму потсетуваат дека на првиот јавен повик од Третиот столб се јавиле 236 компании од земјата, а 80 од нив кои ги исполниле критериумите ги добиле бараните средства во првиот инвестициски бран. Исто толку компании, додаваат од Фондот, ќе добијат средства во рамките на вториот инвестициски бран од Првиот повик.

„Би сакале да потенцираме дека Фондот ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа. Компаниите се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив. Истовремено Фондот нема мандат, ниту обврска да врши анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да врши проценка на нивната политичка подобност“, се истакнува во соопштението.

Од Фондот за иновации посочуваат дека критериумите кои компаниите треба да ги исполнуваат за да може да аплицираат, документација која треба да биде доставена, какви активности и трошоци се подобни за ко-финансирање, критериумите за оценување на проектна апликација како и начинот на пред-селекција и евалуација и роковите поврзани со тоа се јасно наведени и објавени во Јавниот повик и правилниците. (http://www.fitr.mk/portfolio-item/stolb3/ )

Пред-селекцијата за првиот повик ја спровеле 80 надворешни лица, експерти од 22 области, кои преку Јавен повик ги ангажирал Фондот.

„Апликациите кои во просек добија најмалку 51 поен поминаа во фазата на селекција. Финалната селекција ја прави Комитет за одобрување на инвестиции на Фондот кој е составен од петмина странски експерти со минимум десетгодишно меѓународно искуство во областа на инвестициите и иновациската дејност“, појаснуваат од Фондот за иновации.

Оттаму додаваат и дека избраните компании биле јавно објавени на интернет – страницата на ФИТР со информации за износот на доделените средства, влогот на компанијата и според кој инструмент (технолошки развој или иновативност) се финансирани и истакнуваат дека стојат на располагање за сите дополнителни информации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...