Во Тетово и Гостивар запленети 13.000 петарди

69

Над 13.000 парчиња пиротехнички средства, најмногу петарди,  одзела полицијата изминативе седум дена во Тетово и Гостивар во рамки на засилените активности за спречување, откривање и законско санкционирање на продажбата и употребувањето на различните видови пиротехнички средства и особено петарди.

Како што информираа од СВР Тетово, во овие активности вкупно три лица, две во Тетово и едно во Гостивар, биле лишени од слобода и по целосното расчистување на сите поединости ќе им бидат изготвени кривични или прекршочни поднесоци за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Оттаму посочија дека ќе продолжат со секојдневните контролни активности во објекти и на импровизираните тезги за кои има сознанија дека нудат пиротехника, а секаде каде ќе бидат пронајдени вакви средства ќе следуваат законски предвидените поднесоци.

Само вчера во две одвоени акции во Тетово на булеварот„Маршал Тито“ биле одземени скоро 11 илјади петарди и огномети.

Во првиот случај при контрола на автомобил „мерцедес“ со тетовски регистерски таблици управувано од Д.А.(30) биле пронајдени 10.223 парчиња разновидни пиротехнички средства што биле фотодокументирани и одземени за вештачење. Д.А. бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување на случајот.

Во вториот случај полицијата на пластична гајба пронашла оставени седум огномети и 517 различни видови петарди. Се работи на откривање кој ги оставил на тоа место.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...