Во Сплит уапсени тројца мажи по нападот на ватерполистите на Црвена Звезда ВИДЕО

Еден од нападнатите ватерполисти скокнал во море за да се спаси, а во тепачката добил полесни повреди на главата и вратот.

350

Полицијата од Сплит утринава уапси тројца мажи кои се поврзуваат со нападот на четворицата ватерполисти на Црвена Звезда, а сѐ уште се трага по двајца хулигани кои,  наоружани со палки, ги нападнале спортистите од Србија, додека тие седеле во кафуле.

Хулиганите ги барале нивните обележја, а потоа ги нападнале и вербално и физички. Еден од нападнатите ватерполисти скокнал во море за да се спаси, а во тепачката добил полесни повреди на главата и вратот.

– Во однос на вчерашниот инцидент во Сплит, полицијата веднаш почна да ги бара напаѓачите и утрово уапси тројца мажи, а кај еден од нив е пронајден и одземен дрес – соопштија од полицијата.

Се трага по уште двајца напаѓачи.

Ватерполистите на српскиот тим требаше да играат натпревар со Сплит, но поради инцидентот, натпреварот беше одложен.

Дел од хрватската јавност жестоко го осуди вчерашниот напад, оценувајќи дека е напад од хулигани, кој не смеел да се случи.

Од Хрватскиот ватерполо сојуз соопштија дека „секој чин на насилство кон било кого, е неприфатлив“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...