Министерството за труд и социјална политика го честита Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември и воедно информира дека во Специјалниот завод „Демир Капија“ нема веќе деца до 18 години. Денеска, од Демир Капија заминува и последната група деца со попреченост кои ќе бидат сместени во мал групен дом во Скопје каде ќе добијат 24- часовна поддршка од лични асистенти со специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани, соопшти министерството.
– Близината на локалната заедница ќе им овозможи полесно и побрзо да се вклопат во општеството. Со овој процес сите деца до 18 години се извадени од Специјалниот завод „Демир Капија“ – велат од министерството.
Претходно од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени две групи деца. Едната е сместена во малиот групен дом во Тимјаник, а другата во Неготино. Од таму додаваат дека Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да работи на процесот на деинституционализација. Пред неполни три месеци целосно беше трансформиран и Домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучено во редовниот образовен процес.-
– До крајот на година целосно ќе се трансформира и домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Дел од децата ќе одат во згрижувачки семејства, а дел од нив во 4 мали групни домови во Скопје. Заложбите на МТСП и на Владата се до 2020 година ниту едно дете под 18 години да не остане во институциите и целосно да го промени начинот на којшто државата се грижи за децата и возрасните коишто им е потребна долгорочна социјална грижа, стои во соопштението.
Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија. Наместо досегашните безлични и гломазни установи за колективна грижа, со овој процес се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот, со што се јакнат лицата да го поттикнуваат своето активно учество во средината кадешто живее.