Владата се обврза своите политики, стратегии, предлог закони да ги креира инклузивно и во отворен и транспарентен процес. Како резултат на таа заложба, покрај зголемувањето на бројот на закони поставени на ЕНЕР, може да се забележи драстично намалување на бројот на закони кои се носат по скратена постапка, информира Владата.
-Статистиката на Собранието покажува дека од вкупниот број на закони донесени од Собранието, кои биле предлог на Владата (без законите донесени по предлог на пратениците), процентот на закони донесени во скратена постапка од 67,9% во 2016 година се намалува на 19,1% во 2018 година.
Односно, во 2016-та година вкупно 214 закони биле донесени по скратена постапка, за разлика од само 17 закони донесени од почетокот на работата на актуелната влада, стои во соопштението.
Од таму додаваат дека уште поилустративни се статистиките од претходните години. Во 2014 година од 186 закони, 135 биле донесени во скратена постапка, во 2015 година од 33 закони, дури 29 биле донесени во скратена постапка додека во 2016 година од 315 закони, во скратена постапка биле донесени закони. Индикативно е дека во овие години, како и во 2916 година повеќе од 2/3 од законите се донеле во скратена постапка.
– Политиките за отвореност, транспарентност и отчетност што ги практикува Владата даваат резултати. Од инклузивниот процес на консултации за законските решенија, Владата го прифати предлогот и го продолжи рокот за јавна расправа и коментирање на предлог – законските решенија на ЕНЕР од 10 на 20 дена. Инклузивноста и сеопфатноста на засегнатите страни како цврста заложба во процесот на изготвување политики и во законите во редовна постапка, овозможија квалитетни законски решенија- се вели во соопштението.
Во таа насока, и процентот на закони кои се објавуваат на Единствениот Национален Електронски Регистар за прописи (ЕНЕР), со цел да се овозможи вклучување на сите засегнати страни при донесување на одредени законски решенија бележи огромен пораст. За разлика од 2016 година, кога на ЕНЕР биле поставени само 8.3% од предложените законски решенија, во 2017 година на увид на јавноста со можност за нивно учество се ставени дури 83% , а во тековната 2018 година тој процент се искачи на 93% само до денеска.
Расте и процентот на доставени предлог законски решенија со Извештај за проценка на влијание на регулатива (ПВР) кој од 53,6% во 2016 година, порасна на 96% во тековната 2018 година. Предлог законите доставени до МИОА на мислење исто така забележуваат пораст од 30,2% во 2016 година, до 84% во тековната 2018 година.
Квалитетот на легислативата е еден од темелите на правната држава и доброто управување. Владата на Република Македонија во своите заложби, го истакна квалитетот на законските решенија и доброто управување како основна политика и свој врвен приоритет, а преку својата определба за транспарентност и инклузивност обезбеди поголемо учество на граѓаните, на граѓанските организации и на сите останати засегнати страни во подобрувањето на законските решенија во интерес на граѓаните.