Сиромашни се 21,9 отсто од населението во Македонија или околу половина милион граѓани живеат во сиромаштија на проценето население од нешто помалку од 1,8 милиони жители, според последните статистички податоци. Ова го изјави Биљана Дуковска, претседателка на македонската Платформа против сиромаштија на денешната Конференцијата за сиромашни и социјално исклучени лица која се одржа во Скопје.
Дуковска додаде дека причините за оваа состојба се различни и дека е неоходно да се градат активни партнерства со лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост, да се почитуваат нивните барања и потреби кога се креираат политики што се однесуваат на нив.
– Не се постојано парите во прашање, туку и пристапот на овие лица до услугите на центрите за социјална работа, тие не можат секогаш да добијат квалитетна услуга, а до оние сиромашни лица кои се на самото дното не стасуваат ниту информации како да ја добијат помошта. Идејата е да не ги коментираме законите откако ќе се усвојат, туку уште додека се работи на нив да се интервенира со забелешки согласно потребите што ги имаат граѓаните и нашите искуства – рече Дуковска.
Таа нагласи дека некој треба да следи и како реформите се спроведуваат и да се грижи дали лицата напредуваат или излегуваат од состојбата во која се наоѓаат.
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, најави подобри услови за сиромашните граѓани.
– Гарантираниот приход за секое семејство или поединец кое живее во сиромаштија ќе се зголеми од сегашните 2.400 денари за трипати. Целта е овие лица да се мобилизираат на пазарот на трудот, а обично центрите за социјална работа се клучна алка за поврзување на сиромашните лица со пазарот на трудот, затоа што, има работни места, но, слабо квалификувана работна сила – рече министерката Царовска.
Царовска, во однос на тоа зошто не е подобрена состојбата изминатите две години кога исто така 21,9 отсто од населението било сиромашно, рече:
– Министерството за труд и социјална политика и годинава со граѓаните кои живеат во сиромаштија спроведува само такви политики што ќе дадат резултат. Ние бевме сведоци дека 11 години сиромашните и социјално исклучените беа злоупотребувани од различни причини и дека не се носеа политики кои ќе ја променат состојбата во државата, туку се зголемуваше помошта од два, три, пет отсто што не даваше ефект во намалување на сиромаштијата. Затоа работевме на двата клучни закони – за социјална и за детска заштита. Реформата, зависно од политичката состојба ќе биде пуштена во процедура, за во најоптимален рок преку центрите за социјална работа да се имплементира од 1. јануари в година.
За гарантираниот приход што се воведува, таа појасни.
– Семејството не треба да се заборави, како кога му давате трошки. Вложуваме средства од даноци што сите ги плаќаме, но ако ги трансферираме кон семејството тоа треба да се вклучи на пазарот на труд преку прекфалификација, доквалификација и директно посредување до вработување. Битен дел во справувањето со сиромаштијата има и обезбедување на социјални услуги на локално ниво.Бизнис секторот и граѓанските организации може да нудат услуги, но ако најдат од некаде средства. Државата не се грижеше да создаде на пример палијативна грижа за стари лица во домашни услови, за асистенција на лица со попреченост, услуги за самохраните мајки… сѐ се тоа специјализирани микро услуги кои секаде ги нудат партнери, најчесто граѓански организации – додаде Царовска.
Како главни проблеми со кои се соочуваат сиромашните граѓани учесниците на Конференцијата од Делчево ги навеле: тешкотиите со остварување на правото на постојана парична помош, обезбедување нови документи, подолго траење на процедурите додека да се добие правото на постојана парична помош и друго.
Конференцијата беше организаирана по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата.